Љубителите на патувањата со авиони можат да уживаат во својот одмор од соништата без притоа да не бидат меѓу облаците. Воден од таквата идеја претприемачот и универзитетски предавач Стивен Нортам (39) го купил Боингот 737-200 од 1960-тите на аукција за 5.000 фунти и го претворил во двокатна викендица. Откако ќе се искачите по скалите, исти онакви како што се користат на аеродромите при влез во авион, влегувате во авионот од соништата.

Авион – викендичката има оригинални седишта, автентични шкафчиња над седиштата, па дури и симулатор за летање во пилотската кабина. Во предната половина на патничкиот авион 737 има простор да спијат четири лица. За оние кои се во пар можат да се опуштат и во комфорниот брачен кревет кој е позициониран во товарниот простор.

Се чини дека нема крај на задоволствата кои ги нуди оваа необична викендица, бидејќи располага и со т.н топла када која се наоѓа во делот на млазниот мотор на конструкцијата на авионот. За целосно да е доловено чувството како патување во авион креаторот на оваа викендица не го променил дури ни тоалетот, туку се одлучил да остане оригиналниот.

Стивен Нортам за да го постигне ефектот на луксузна викендичка, налик на авионски ентериер од соништата потрошил 15.000 фунти. По цели три месеци макотрпна работа тој конечно го реализирал тоа што го имал во мислите, а своето дело го нарекол „Marwell High Club“, по блиската зоолошка градина Марвел. Нортам го купил трупот на авионот, тежок пет тони, од колеџот Чичестер, Западен Сасекс, каде што екипажот тренирал со помош на симулаторот.

Бидејќи се работи за авионска конструкција со голема тежина неопходно било ангажирање на кран и цела транспортна фирма. Во една прилика Нортам рекол дека транспортот чинел скоро колку самиот авион, односно 3.000 фунти. Откако Нортам конечно го имал авионот Боинг 737 ги засукал ракавите и почнал макотрпно да работи на создавањето на викендичката. Тој работел „прилично солидно“ од 7.30 до 16 часот на неговиот проект од јули до септември 2022 година.

Во процесот на реставрирање Нортам пронашол стари патнички билети – од Монастир, Тунис до Лион, Франција – сместени меѓу седиштата, а со тоа открил дека Боингот припаѓал на авиокомпанијата Тунисаир – националната авиокомпанија на Тунис. Тој верува дека авионот е стар околу 54 години и дека е еден од првите од ваков вид.

Денес овој „авион-викендица“ е достапен и за туристите кои сакаат да го изнајмат и да поминат необичен одмор. Истиот е позициониран во Винчестер, Англија.
ВИДЕО: