Третото државно квиз првенство во септември, почнува и новата квиз сезона

Македонската квиз асоцијација на 13 септември во Base42 ги собира натпреварувачите во поединечна конкуренција и во парови.

Третото Државно квиз првенство на Македонија ќе се одржи на 13 септември 2026 година во просториите на хабот Base42 во Скопје, со што официјално започнува новата натпреварувачка квиз-сезона 2026/27. Македонската квиз асоцијација (МКА) најави дека натпреварувачите ќе ги одмерат знаењата поединечно и во парови, на прашања подготвени директно од актуелните државни шампиони.

Поединечното првенство го задржува познатиот мастерс формат и содржи вкупно 200 прашања поделени во две рунди. Секој дел носи по четири теми со по 25 прашања, а учесниците имаат точно по еден час за решавање на секоја половина од тестот. Комплетен автор на овогодишниот тест е Бари Исени, кој ја брани титулата државен шампион во поединечна конкуренција. Програмата за поединечниот дел започнува со регистрација во 10:30 часот, а првиот натпреварувачки блок стартува во 11:00 часот.

Натпреварот во парови носи вкупно 150 прашања подготвени од актуелните шампиони Зоран Јорданов и Мартин Мајк Петрески. Првата рунда содржи 100 прашања со рок за решавање од 60 минути. По прегледувањето на резултатите, најдобро рангираните парови одат во финалето каде за 30 минути одговараат на дополнителни 50 прашања. Поените освоени во финалната рунда вредат двојно и се собираат со резултатот од првиот дел за да се одреди победничкиот тандем.

Котизацијата за учество изнесува 200 денари по учесник за една категорија, односно 300 денари доколку натпреварувачот се пријави и за поединечниот дел и за парови. Уплатата може да се изврши на лице место на денот на настанот во Base42 (ул. Римска бр. 25) или преку жиро-сметката на МКА: 210075841210139.

Пријавувањето се одвива преку официјалниот дигитален формулар на асоцијацијата.

Со државното првенство започнува и новата квиз сезона на Македонската квиз асоцијација која што ќе трае од септември до мај, каде што македонските квизаџии ќе можат меѓусебно да си ги одмеруваат силите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс