50-тото издание на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одѕиви“ ќе се одржи викендов во Тетово. На двете фестивалски вечери во Центарот за култура ќе настапат домашни хорови, но и од соседните земји, како и во Соборниот храм Свети Кирил и Методиј на Фестивалот за православна духовна музика. На ТЕХО ќе се одбележат и неколку значајни јубилеи. Оваа манифестација и градот, веќе пет децении се домаќини на стотици хорови и илјадници хористи од целиот свет и место каде се исполниле голем број нови хорски песни кои зазеле значајно место во овој вид на музика.

„Особено ми е драго што Тетовските хорски одзиви се манифестација со голема традиција, која го вбројува Тетово во градовите со висока музичка култура. Овој живописен град, преку ТЕХО, децении наназад ја збогатува сликата на нашата земја како пријателска, толерантна, мултиетничка држава која ја негува посебноста на културите на сите народи кои живеат овде, но, и на сите култури кои доаѓаат како гости на овој фестивал“, порача Костадиновска-Стојчевска на прес конференцијата.
Годинава, фестивалот кој е членка на Европската хорска асоцијација и на Балканскиот хорски форум, е посветен на 120 годишнината од Илинденското востание. Со ова македонските вредности, традиции, култура и идентитет и на овој начин стануваат дел од европските културни вредности.
Во тој контекст Костадиновска-Стојчевска рече дека за Министерството за култура е од особено значење што во ТЕХО има искрен и сериозен партнер кој ја афирмира хорската музика во земјава и во светот.
„Ние во континуитет, секоја година го поддржуваме фестивалот кој постави високи стандарди за музичко-сценски настапи на хоровите. ТЕХО игра водечка улога и во мотивирање на композиторите да творат нови хорски композиции, ги поттикнува младите диригенти и солисти да се охрбрат и да застанат на големата сцена“, рече министерката за култура.
Според Костадиновска-Стојчевска низ годините ТЕХО прерасна во значајна платформа каде се негува другарството, заедништвото, се развива љубовта кон уметноста, што се најважни придобивки за секој млад човек. Особено важно е што Тетовските хорски одзиви ги негувааат авторите и основоположниците на македонската современа музика, од кои речиси сите во својот опус имаат хорски композиции. На тој начин, додаде таа, го чуваме македонското културно и духовно наследство, го негуваме идентитетот и музиката која ја пееме од најмала возраст.
На крајот посакувајќи успешно издание на фестивалот, Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека Тетово со ТЕХО и оваа година ќе биде музички празник и ќе донесе нови искуства за бројните учесници на фестивалот, чии настапи ќе останат трајно впишани во историјата на оваа благородна манифестација.