Актерите Темелковски и Мирчевски наградени за животно дело- отворен „Војдан Чернодрински“

Петар Темелковски и Петар Мирчевски се добитници на наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата програма. Од Фестивалот известија дека дел од претставите се распродадени.

Програмата на фестивалот започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден. Ќе следуваат промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.


Министерството за култура, во соработка со фестивалот, со цел збогатување на фондот на драмски текстови, отвори и посебен конкурс за избор на три необјавени и непоставени македонски драмски текстови. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која не била во можност синоќа да присуствува на отворањето на фестивалот, преку објава на Фејсбук истакна дека „Прилеп – македонскиот театарски центар и годинава ни ја покажува моќта на раскажување приказни преку театарската уметност“.

„Чернодрински” игра клучна улога во чувањето и промовирањето на македонскиот јазик, на македонското творештво и на културното наследство. Преку вашето творештво вие го развивате уметничкиот талент на нашата мајковина и татковина. Отворате социјален дијалог и ја кревате свеста за важни прашања од нашето заеднички битисување, напиша Костадиновска Стојчевска.

Министерката изрази искрени честитки до селекторката на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, и до целиот фестивалски тим,особено до лауреатите на фестивалот, добитниците на наградата за животно дело, нашите исклучителни и почитувани доајени на македонската култура, Петар Темелковски и Петар Мирчевски, а на сите учесници им посака креативен натпревар, за кој оцени дека на крајот ќе доведе до нов триумф на театарската уметност во земјава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс