Антибиотиците умираат – што правиме ние?
Антибиотиците со децении беа нарекувани „чудотворни лекови“ – но дали нивната ефикасност полека згаснува? Експертите предупредуваат дека човештвото се соочува со нова глобална здравствена криза –антимикробната резистенција (АМР).
Откривањето на антибиотиците означи револуција во медицината. Во 1928 година, Александар Флеминг го откри пеницилинот, првиот ефикасен лек против бактериски инфекции. Ова откритие доведе до масовно производство на антибиотици, особено за време на Втората светска војна, кога пеницилинот спасил илјадници животи. Со текот на времето, развиени се различни класи на антибиотици како тетрациклини, макролиди и цефалоспорини, кои овозможија третман на широк спектар на бактериски инфекции.

Антибиотиците се клучни во јавното здравство. Тие се единствен лек против бактериски инфекции, но не делуваат на вируси. Тие се дефинитивен лек за болести како: Инфекции на уринарниот тракт. Неопходни се за спречување на инфекции кај пациенти со ослабен имунитет, како и за успешна изведба на хируршки интервенции и трансплантации, пота инфекции како стрептококно грло, пневмонија предизвикана од бактерии, туберкулоза, менингитис предизвикан од бактерии и сепса.
Пеницилинот и многу други антибиотици што следеа, спасиле милиони животи, претворајќи опасни инфекции во рутински излечиви состојби. Но, речиси 100 години подоцна, овие лекови губат сила.
Антимикробната резистенција не се однесува само на антибиотиците, туку и на антивирусни, антипаразитски и антимикотски лекови. Станува збор за способноста на микроорганизмите – бактерии, вируси, паразити – да се приспособат и преживеат дури и кога се изложени на лекови наменети да ги уништат.

Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи антимикробната резистенција за една од десетте најголеми закани за здравјето на човештвото. Само во 2019 година, инфекции отпорни на лекови однеле најмалку 1,27 милиони животи, а до 2050 година се очекува бројот на смртни случаи да надмине 10 милиони годишно – повеќе од ракот.
АМР е природен процес, но драматично се забрзува поради прекумерна и неправилна употреба на лекови. Кога антибиотикот не се зема правилно – на пример, при прекин на терапијата предвреме или земање без медицински надзор – бактериите имаат шанса да преживеат и мутираат, станувајќи отпорни.
Дополнително, антимикробните лекови убиваат не само „лоши“ туку и „добри“ бактерии, оставајќи простор за штетни микроорганизми да се размножат.

Инфекциите предизвикани од отпорни бактерии сè почесто се појавуваат во болници, фарми и пречистителни станици, каде што патогените лесно се шират. Лошата хигиена и слабиот надзор го влошуваат проблемот.
Докторите се обучени да препишуваат антибиотици само кога е неопходно. Пациентите се предупредуваат да не ги делат лековите и да не ги чуваат за подоцна. Секојпат кога антимикробен лек се користи без потреба, се зголемува ризикот од создавање на „супербактерии“.

Антибиотиците помогнале во елиминација на многу бактериски инфекции кои некогаш биле смртоносни, но Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека околу 700.000 луѓе годишно умираат од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици.
Антимикробната резистенција (AMR) е главно резултат на прекумерна и неправилна употреба на антибиотици, антисептици и антифунгални средства. Оваа појава влијае не само на луѓето, туку и на животните, растенијата и животната средина.
Според Европската комисија, AMR предизвикува 35.000 смртни случаи годишно во ЕУ, а економските загуби, вклучително со трошоците за здравствена заштита, изнесуваат 1,5 милијарди евра годишно.

Колку антибиотици се трошат во ЕУ и Македонија?
Во Европската унија, употребата на антибиотици е значителна, а прекумерната употреба доведува до зголемена резистенција. Според податоците, 33.000 луѓе годишно умираат во ЕУ од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици.
Во Македонија, употребата на антибиотици е висока, а во некои региони се препишуваат 1.400 рецепти на 1.000 осигурени лица годишно.
Како ЕУ се бори против антимикробната резистенција?
Рационалната употреба на антибиотици е клучна за спречување на антимикробната резистенција. Лекарите треба да ги препишуваат само кога е неопходно, избегнувајќи третман на вирусни инфекции како грип или настинка, а пациентите треба строго да го следат дозирањето и времетраењето на терапијата, без прекинување пред завршувањето. Европската унија препорачува намалување на употребата на антимикробни лекови за 20% во наредните години, што е значаен чекор во борбата против резистентните бактерии.
Подобрувањето на дијагностиката е суштинско за правилно препишување на антибиотици. Брзите дијагностички тестови можат да помогнат лекарите да утврдат дали е потребен антибиотик, наместо да препишуваат „наслепо“. Дополнително, развојот на напредни молекуларни тестови овозможува идентификација на резистентни бактерии пред започнување на терапијата, со што се намалува ризикот од неконтролирана употреба на лекови.

Контролата на инфекции во болниците игра витална улога во спречување на ширењето на резистентни бактерии. Истражување во над 1.000 интензивни одделенија покажува дека повеќе од 50% од хоспитализираните пациенти имаат активна инфекција, од кои половина се болнички инфекции. Спроведувањето на строги хигиенски мерки, како редовно миење раце, дезинфекција и правилна стерилизација, е од суштинско значење за спречување на оваа појава.
Поддршката за истражување на нови антибиотици е неопходна, бидејќи во последните 40 години не е развиен ниеден нов антимикробен лек. Европската унија предлага финансиски стимул за развој на нови антибиотици, а фармацевтската индустрија има фонд од 1 милијарда долари до 2030 година, со цел да се развијат два до четири нови антибиотски лекови.
Едукацијата и јавната свест се од клучна важност за борбата против антимикробната резистенција. Организирањето семинари и кампањи за подигање на свеста кај пациенти и здравствени работници помага во информирање за ризиците од прекумерната употреба на антибиотици.
Антимикробната резистенција бара интегриран пристап кој опфаќа одговорност кај пациенти и лекари, но и системски промени во здравствената политика. Подобрената контрола на инфекциите, развојот на нови лекови и подигнувањето на јавната свест се клучни чекори за спречување на оваа „тивка пандемија“ и зачувување на ефикасноста на антибиотиците за идните генерации.