Предизвици и идни перспективи за жените во Северна Македонија

Безбеден абортус и контрацепција- предзивик и во 21 век

Во Република Северна Македонија, пристапот до безбеден абортус и контрацепција продолжува да биде актуелно прашање, иако законот за прекин на бременост од 2019 година ја подобри регулативата и овозможи поголема репродуктивна слобода. Законот е усогласен со препораките на Светската здравствена организација (СЗО), но и покрај тоа, постојат сериозни предизвици кои ја ограничуваат достапноста до овие услуги.

„Како промотор на најдобрите и најбезбедните здравствени политики, согласно стандардите на Светската здравствена организација, четврта година по ред Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство успешно го имплементира и спроведува медикаментозниот абортус, како најбезбеден начин за прекин на бременоста. Земајќи го неприкосновеното право на жената на сопствен избор, Клиниката за гинекологија и акушерство, со поддршка на Министерството за здравство и ХЕРА обезбедува квалитетни ресурси и услови, медикаментозниот абортус да биде избор на преку 80 % од пациентките подложени на прекин на бременоста.“ Според неа, „80 % од жените кои бараат абортус го избираат медикаментозниот метод, поради неговата безбедност. Со поддршка од Министерството за здравство и организацијата ХЕРА, клиниката ги обезбедува сите потребни ресурси за да овозможи оваа процедура да биде достапна и сигурна. До 2024 година, дури 97% од пациентките кои подлежат на абортус ќе го изберат медикаментозниот абортус“ – вели Алексиоска- Папестиев.

Меѓутоа, оваа метода е достапна само во Скопје, што ги исклучува жените од руралните области, кои се соочуваат со значителни логистички и финансиски предизвици. Дополнително, лековите потребни за оваа процедура сè уште не се регистрирани во земјата, што претставува сериозен административен и здравствен проблем.

Еден од клучните предизвици е тоа што абортусите по социјални и економски причини не се покриени од државното здравствено осигурување. Ова доведува до зголемени трошоци за жените кои мора да ги платат од свој џеб, и резултира со небезбедни и нелегални абортуси кои го загрозуваат здравјето на жените. „Земјата мора да обезбеди универзално покривање на сите трошоци поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и абортусот и контрацепцијата“ – вели Ева Спасевска, програмска раководителка во ХЕРА.

Контрацепцијата во Северна Македонија претставува уште еден голем предизвик. Иако е легално достапна, стапката на употреба на современи контрацептивни средства во земјата е само 14 %, една од најниските во Европа. Според експертите, овој проблем се должи на тоа што ниту едно контрацептивно средство не е на позитивната листа на лекови, што значи дека жените мора да ги купуваат сами. Ова ги засега особено оние со пониски приходи, за кои контрацептивните средства се финансиски неприфатливи.

„Легалноста на абортусот е еден од најважните параметри, а за среќа, од 2019 Македонија располага со Закон за прекин на бременост кој ги унапредува правата на жените. Од 2020 имаме и Клиничко упатство за прекин на бременоста, подготвено од експерти од областа на гинекологија и акушерство, за тоа како треба методата да се применува. Безбедноста е другиот аспект – да се знае како да се примени методата, за да се добијат позитивни ефекти, а она што недостига е регистрацијата на лековите за медикаментозен абортус, за комплетирање на напредната правна легислатива на оваа тема.“ – објаснува Проф. д-р Глигор Тофоски специјалист гинеколог во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари (МАГО).

Контрацепцијата игра витална улога во репродуктивното здравје, но Северна Македонија има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, која изнесува само 14 %. Оваа ниска стапка е резултат на неколку фактори, вклучително и фактот дека ниту едно контрацептивно средство не е на позитивната листа на лекови. Тоа значи дека жените мора да ги покриваат трошоците за контрацепција од свој џеб, што е сериозна пречка, особено за оние со пониски приходи.

„Потребно е да се зголеми свеста особено на младите за важноста на контрацепцијата како начин за спречување на непланирани бремености и да се намали бројот на абортуси. Потребно е да се зголеми и свесноста за превенција на сексуално преносливи инфекции и планирање на семејство. Затоа, сеопфатното сексуално образование содржи информации на кои младите може да им веруваат“, истакна проф. д-р Глигор Тофоски, гинеколог во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари (МАГО). Тој вели дека „недостатокот на контрацепција и високиот број на непланирани бремености претставуваат сериозен предизвик за здравствениот систем и репродуктивното здравје на жените.“

Во владината програма за 2022-2024 година се предвидени мерки за зголемување на достапноста на контрацептивни средства и универзално покривање на трошоците за сексуално и репродуктивно здравје. Сепак, досега нема конкретни резултати во таа насока. ХЕРА, која континуирано работи на овие прашања, организираше обуки за гинеколози во 2024 година, насочени кон правилна примена на медикаментозниот абортус и современата контрацепција.

Пристапот до безбеден абортус и контрацепција останува клучно прашање за репродуктивното здравје во Северна Македонија. Иако знашата земја има правна рамка, на мапата на земјите во Европа котира во земјите со зелена боја каде што има и легален и безбеден пристап, ни недостасува само регистрација на лековите со крајна цел зголемување на достапноста до овие услуги. Решавањето на овие проблеми бара посилна политичка волја, подобра едукација и обезбедување финансиски пристап за сите жени, што ќе гарантира целосно остварување на репродуктивните права.

Текстот е напишан во соработка со ХЕРА

е-Трн да боцка во твојот инбокс