„Безбеден град“ се прошири во пет општини: Активирани нови 40 камери

Покрај Охрид и Струга, сообраќајниот видеомониторинг ги опфати Дебар, Кичево и Дебарца, како и клучните правци кон плажите и Ќафасан.

Системот за видеомониторинг „Безбеден град“ почна официјално да функционира и на подрачјето на СВР Охрид, каде што околу 40 нови сообраќајни камери веќе бележат прекршоци. Мрежата покрива пет општини во југозападниот дел од земјава, вклучувајќи ги регионалните патишта, туристичките зони и делниците кон граничните премини. Опремата автоматски документира пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло и непрописно паркирање.

Новите 40 камери се распоредени на сообраќајни точки во општините Охрид, Струга, Кичево, Дебарца и Дебар. Окото на радарот директно ги опфаќа фреквентните патни правци кон Струга, Дебар и граничниот премин Ќафасан кон Албанија.

Видеонадзор е поставен и на автопатската делница Охрид – Кичево, како и по должината на крајбрежните појаси. Во системот се вклучени патиштата кон најпосетуваните туристички населби, плажите и сообраќајниот правец што води кон Свети Наум, каде што за време на сезоната и викендите фреквенцијата на возила драстично расте.

Од Секторот за внатрешни работи Охрид порачуваат дека целта на техничкиот надзор е воспоставување сообраќаен ред и спречување тешки сообраќајни несреќи. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, упати директен апел до граѓаните навиките зад воланот да се прилагодат на правилата:

„Апелирам до возачите на патничките и други моторни возила да се придржуваат, да ги почитуваат ограничувањата на дозволената брзина и се разбира, Safe City да го сфатат како еден партнер. Во делот на зголемена сообраќајна безбедност заеднички да се грижиме за животите на нашите сопатници, за нашите животи и за животите на оние други учесници во сообраќајот.“

Полицијата најавува дека евидентираните прекршоци веднаш се процесираат според сообраќајните закони, со посебен фокус на критичните црни точки во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс