Целосен прекин на патот Прилеп–Битола: сообраќајот кај млин Осман е запрен

Привремени режими и градежни работи има и на повеќе други патни делници низ земјава, информира АМСМ

Сообраќајот на патниот правец Прилеп–Битола, кај млин Осман, е во целосен прекин од 5:15 часот, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Од АМСМ соопштуваат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, главно по суви коловози, но интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, засега, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Возачите се предупредуваат да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони. Зголемено внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Во сила се и повеќе времени режими на сообраќај поради градежни активности. Кај наплатната станица Преод, на автопатот А4, делница Миладиновци–Свети Николе–Штип, до 1 октомври ќе има изменет режим поради санација на косина.

Времен режим е воспоставен и на патот Гостивар–Стража, каде што се санираат мостовите „Вијадукт на Атанасова река“ и „Вијадукт на Дол“. Работи има и на мостовите на А2 над реката Вардар во близина на Желино, во двата правци, како и на скопската обиколница, на делницата од клучката Волково до клучката Кондово, каде што се рехабилитира дел од патот и е затворена левата лента за претекнување.

На автопатот А1, делница Смоквица–Гевгелија, се изведуваат активности за премин на интерконективен гасовод, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.

Времен режим има и на регионалниот пат Косоврасти–Мелнички Мост, каде што се санира свлечиште, додека на патниот правец Прилеп–Битола, во рамки на активностите поврзани со Коридорот 10Д, движењето се пренасочува по регионалниот пат во делот од клучката Лагово до Тополчани.

На патниот правец Кичево–Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. АМСМ апелира возачите строго да ја почитуваат поставената сигнализација и да ја приспособат брзината според условите на патот.

За движењето низ Јасен се применува времен распоред. Во правец Скопје–Македонски Брод движењето е дозволено од 7:30 до 9:00 часот, од 12:00 до 12:45 часот и од 16:00 до 18:00 часот. Во спротивниот правец, Македонски Брод–Скопје, движењето е дозволено од 6:00 до 7:00, од 10:30 до 11:00, од 13:00 до 13:45 и од 18:30 до 20:00 часот.

АМСМ потсетува и дека патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони. Во летниот период важат и ограничувања за движењето на тешки товарни возила. На државните патишта, до 31 август, е забрането движењето на товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени термини за време на викендите, а при екстремно високи температури ограничувањето важи и во работните денови во периодот од 11 до 17 часот. За делницата Скопје–Охрид–Скопје на А2 важи посебен режим за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите, со цел да се намалат сообраќајните метежи во текот на туристичката сезона.

АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги следат информациите за состојбата на патиштата и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс