Дали жените се личности?

На 27 август 1927, пет Канаѓанки прашале дали жените се личности пред законот. Врховниот суд еднoгласно одговорил дека не се.
феминизам

На 27 август 1927 година, на верандата на една куќа во Едмонтон, Канада, пет жени седнале околу маса, испиле чај и потпишале писмо до владата. Барањето било едноставно, Врховниот суд да протолкува еден единствен збор од уставот. Прашањето било дали зборот „личности“ во тој документ ги вклучува и жените. Осум месеци подоцна, највисокиот суд во земјата одговорил едногласно – не ги вклучува. Годинава се навршуваат 99 години од тој ден.

Навредата што ја покренала целата приказна

Емили Марфи била прва жена именувана за судија во целата Британска Империја, во 1916 година. Набргу по нејзиното стапување на функција, во нејзината судница се појавил адвокат кој ја оспорил нејзината надлежност. Не ѝ ги оспорувал квалификациите, ниту знаењето. Аргументот бил друг, дека таа не е личност според тогашниот устав и следствено, не смее да седи на судиската маса.

Ова не било изолиран инцидент. Постои документиран случај кога Марфи, заедно со група жени, се обидела да присуствува на судење и сите биле избркани од судницата, со образложение дека сведочењето не е соодветно за мешано друштво.

Одредбата што ја нашол нејзиниот брат

Марфи сакала да биде именувана за сенаторка. Владата одбивала, повикувајќи се на толкување дека жените не спаѓаат под поимот квалификувани личности. Таа побарала помош од сопствениот брат, Вилијам Фергусон, кој бил судија во друга провинција. Тој не можел да ѝ даде официјално мислење, но ѝ напишал долго писмо во приватна форма, очигледно наменето за пошироко кружење.

Токму преку тој канал дознала за одредба што дотогаш речиси никој не ја користел, дека кои било пет лица што дејствуваат заедно можат да побараат од владата да го упати Врховниот суд да протолкува дел од уставот. Ѝ требале уште четири жени.

Верандата во Едмонтон

На 27 август 1927 година, во нејзиниот дом во Едмонтон, се собрале четири од најпознатите активистки во тогашна Канада – Нели Меклунг, Ирен Парлби, Луиз Мекини и Хенриета Мјур Едвардс. Сите пет имале децениско искуство во кампањи за правата на жените и децата, некои уште од осумдесеттите години на деветнаесеттиот век. Меклунг била позната и надвор од Канада. Нејзината биографија сама по себе е приказна имала само шест години образование и научила да чита дури на деветгодишна возраст.

На таа веранда, со чај во раце, ги потпишале двете прашања и писмото го испратиле до генералниот гувернер.

Владата го стеснила прашањето

Она што следело покажува како функционира институционален отпор. Министерот за правда ги разгледал двете прашања и препорачал да се сведат на едно. Кабинетот, на 19 октомври 1927 година, до Врховниот суд го упатил единствено ова: дали зборот „личности“ во членот 24 од тогашниот устав вклучува и женски личности.

Марфи била незадоволна од стеснувањето и барала да се вратат оригиналните две, па дури и трето прашање. Барањето било одбиено.

Одговорот: едногласно не

На 24 април 1928 година, Врховниот суд на Канада ја објавил својата одлука. Била едногласна. Судот се повикал на буквално историско читање дека во 1867 година, кога уставот бил напишан, поимот личности не се однесувал на жени и дека тоа значење не може да се менува. Последната реченица од пресудата е формулирана со суво правно молчење што ја прави уште потешка. Разбрано во смисла дали жените се подобни за именување во Сенатот, стои таму, прашањето се одговара негативно.

Лондон, октомври 1929

Петте не се откажале. Во тоа време постоела уште една инстанца над Врховниот суд на Канада – Судскиот комитет на Тајниот совет во Лондон. На 18 октомври 1929 година, лордот-канцелар Џон Санки влегол во преполна судница во Лондон за да ја прочита одлуката. Тој ја преиначил канадската пресуда. Жените се личности.

Во образложението застанал зад реченица што и денес се цитира а тоа е дека дека исклучувањето на жената од сите јавни функции е реликт од времиња поварварски од нашите. Потоа го превртел целото прашање наопаку и прашал зошто, всушност, зборот личност не би ги вклучувал жените.

Дрвото што расте

Она што Санки го направил тој ден отишло далеку подалеку од самиот случај. Тој понудил ново толкување на уставот – дека тој не е замрзнат текст, туку живо дрво, способно за раст и ширење во рамки на своите природни граници. Затоа, рекол, треба да се чита широко и слободно, а не тесно и технички. Таа формулација денес е позната како доктрина на живото дрво и до ден-денес е основата врз која Врховниот суд на Канада го толкува уставот.

Прашањето поставено на една веранда во Едмонтон завршило со тоа што го променило самиот начин на кој една држава го чита сопствениот темелен документ.

Крајот што ниту една од нив не го очекувала

Победата дошла. Наградата – не. Во 1930 година, владата именувала прва жена во Сенатот. Не била ниту Марфи, ниту Меклунг, туку Керин Вилсон, жена што не била активна во суфражетското движење и воопшто не била дел од правниот случај. Во својот прв говор во Сенатот, таа јавно ја поздравила храбрата работа на петте. Марфи чекала уште. Во 1931 година се отворило место токму за нејзината провинција, а тогашниот премиер бил нејзин долгогодишен сојузник. Изгледало како да ќе се случи конечно.

Не се случило. Починатиот сенатор бил католик, а другите петмина од таа провинција биле протестанти, па премиерот решил дека мора да именува католик. Марфи била англиканка. Наместо неа, именувал маж.

Емили Марфи починала следната година, без никогаш да седне во Сенатот за кој се борела цел живот.

Наследство што и Канада денес го преиспитува

Приказната има и втор, потемен слој што вреди да се каже отворено, бидејќи и самата Канада денес отворено го дискутира. Дел од петте жени, конкретно Марфи и Меклунг, биле меѓу застапниците на евгеничкото движење во земјата. Со нивна поддршка, во 1928 година бил формиран Одбор за евгеника, кој бил одговорен за присилна стерилизација на речиси три илјади луѓе, сè додека не бил распуштен во 1972 година.

Тоа не ја поништува правната победа од 1929 година. Но значи дека истите луѓе што ја прошириле дефиницијата за човечка личност за едни, истовремено работеле на нејзино стеснување за други.

Постои и трета линија на критика дека победата била во голема мера симболична, бидејќи и по 1929 година жените долго не биле именувани во еднаков број, ниту нивната фактичка положба се сменила брзо.

Прашањето што останало

Деведесет и девет години подоцна, најсилниот дел од приказната не е ниту победата во Лондон, ниту доктрината што од неа произлегла.

Тоа е фактот дека едно правно тело, во дваесеттиот век, во една демократска држава, легално и едногласно утврдило дека половина од населението не спаѓа во категоријата личности. И дека за да се промени тоа, било потребно пет жени да се сетат на заборавена одредба, да седнат на веранда со чај и да напишат писмо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс