Кај мртов гавран најден во паркот кај општината во Ресен детектирано е присуство на вирусот Западен Нил, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство.
До овој момент, сепак во Ресен не е регистиран човек кој е заразен од истиот вирус.
Министерот за здравство Сашо Клековски оцени дека наодот е показател дека вирусот локално циркулира во Преспанскиот регион.
„Гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртвиот гавран е показател на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска“, рече Клековски.
По потврдата веднаш биле известени Центарот за јавно здравје Битола и градоначалникот на Ресен. Од нив се очекува да ги ревидираат плановите за дезинсекција и да организираат таргетирано прскање против комарци во ризичните подрачја.
Ова е втора мртва птица во Македонија кај која годинава е потврден западнонилскиот вирус. Претходно заразен гавран беше пронајден во централното подрачје на Скопје, во близина на Вардар.
Агенцијата за храна и ветеринарство во меѓувреме го засили надзорот над живината и дивите птици низ целата земја. Со лабораториски тестирања ќе бидат опфатени кокошки, мисирки, фазани, потполошки, но и диви птици како гуски, пајки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби и други видови.
Западнонилскиот вирус најчесто циркулира меѓу птиците и комарците. Луѓето се заразуваат преку убод од инфициран комарец, а потврден вирус кај птица е важен сигнал за здравствените власти дека во околината постои активна циркулација.
Денеска на скопските клиники западнонилската треска одзеде уште еден живот откако почина 72 годишен пациент, со што бројот на починати од овој вирус се искачи на шест лица.