Тимовите на Државниот пазарен инспекторат излегоа на терен низ земјава за да проверат дали трговците ги почитуваат новите правила за цените на училишниот прибор.
Според одлуката на Владата, највисоките цени на производите во големопродажбата се утврдуваат според цените што важеле на 1 јуни 2026 година, по што треба да бидат намалени за најмалку 10 проценти.
Во малопродажбата намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти. Мерката ги опфаќа специјализираните продавници за училишен прибор, продавниците за спортска опрема што продаваат ранци и ташни, како и другите трговци кои во својот асортиман имаат училишен прибор.
Трговците се должни производите опфатени со одлуката јасно да ги означат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и да ја прикажат претходната продажна цена и новата намалена цена.
За производите набавени по 1 јуни, како основа се земаат цените евидентирани во материјалната евиденција кај трговците на големо, односно цените наведени во приемните листови кај трговците на мало.
Инспекторите во наредниот период ќе вршат контроли на правни субјекти на целата територија на државата. За непочитување на правилата се предвидени глоби од 500 до 10.000 евра, зависно од големината на трговецот.
За целосно непочитување на владината одлука може да биде изречена и привремена забрана за вршење дејност во траење од 15 дена.
Од ДПИ ги повикаа трговците да ги почитуваат обврските, а граѓаните доколку забележат неправилности можат да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку интернет страницата на инспекторатот.