Европската агенција за животна средина предупредува

Екстремната клима станува новото нормално

Фото: Freepik

Времето во Европа станува се поекстремно и целокупната перспектива е песимистичка. Според Европската агенција за животна средина потребна е адаптација кон климатските промени и подобра подготвеност.

Во последната објава агенцијата ги анализира летните екстреми кои кои сè повеќе влијаат на европската популација, економија и природа. Тие ги презентираат податоците преку интерактивни мапи и графици за топлотните бранови, поплави, суши и шумски пожари, но и податоите за болести поврзани со климатските промени како денга треска. Целта на ваквата анализа е да се дадат нови и освежени информации за да се подигне свеста помеѓу политичарите и јавноста за итната потреба од мерки против климатските промени.

Што да очекуваме летово?

Топлотните бранови се опасни за човековото здравје, а тие стануваат се почести, подолги и поинтензивни и ќе продолжат така согласно сите сценарија. Во јужна Европа, особено, ќе има повеќе од 60 летни денови за време на кои условите ќе бидат упасни за луѓето,  што значи поголема смртност и посети во болниците, особено за постарите и хронично болните, доколку не се преземат дополнителни мерки.

Фото: Freepik

Од сите екстремни климатски настани во Еворпа, топлотните бранови се тие кои предизвикуваат најголема смртност и зголемена ранливост за здравјето на европјаните, поради стареењето на населението и урбанизацијата.

Почести и поекстремни поплави

Силни дождови се проектираат за цела Европа, што ќе доведе до зголемено поплавување, особено во северозападна и централна Европа. Неопходни се мерки за адаптација за да се заштити општеството.

Најмногу на ризик и тука се поранливите популации и објекти како училиштата и болниците. Помеѓу 1980 и 2021 година, штетите од поплавите изнесуваат близу 258 милијарди евра и во просек секоја година се зголемуваат за над 2%.

Почести и поекстремни суши

Од 2018 година повеќе од половина Европа беше зафатена од есктремна суша и во зима и во лето. Сушите во 2022 година значително ги намалија земјоделските насади на континентот. Сувата зима која измина не навестува добро за летото и перспективата е песимистички. Исклучитено сувото и топло време значеше мала снежна обвивка што резултираше со мала влажност на почвата, помалку вода во реките и намалено количество на вода во резервоарите во речиси цела јужна и западна Европа.

Фото: Freepik

Долгорочните проекции покажуваат дека јужна и централна Европа ќе станува се посува и потопла во 21 век со ужасни последици по земјоделието. Вкупните економски загуби низ сите економски сектори поврзани со сушите се очекува да пораснат до крајот на векот од сегашните 9 милијарди евра годишна на 25 милијарди евра годишно, со проекција за глобално затоплување од 1,5 степени, на 31 милијарда со проекција од 2 степени и на 45 милијарди со проекција од 3 степени.

Поголеми шумски пожари

Повеќето шумски пожари во Европа се започнати од луѓето, но климатските услови – суви и толпи периоди со силни ветрови влијаат на нивниот интензитет и површина која ја опфаќаат. Шумските пожари гавно ја зафаќаат јужна Европа, но се се почести и во централна, дури и северна Европа. Од 1980 година, 712 луѓе го загубиле животот низ Европа како директна последица од шумските пожари. Во 2022 имавме најлоша сезона на шумски пожари од почетокот на векот со изгорена површина од повеќе од 5 илјади метри квадратни за време на летните месеци.

Според сценариото за климатски промени со високи емисии, југот на Европа, особено Пиринејскиот Полуостров, ќе доживее значително зголемување на бројот на денови со висока опасност од пожар. Бројот на луѓе кои живеат во близина на диви предели и се изложени на високи до екстремни нивоа на опасност од пожар најмалку 10 дена годишно ќе порасне за 15 милиони (+24%) според сценариото за глобално затоплување од 3°C.

Раст на климатско-сензитивните болести

Некои носители на болести се широко распространети во Европа (како што се крлежите кои можат да шират Лајмска борелиоза или енцефалитис што се пренесува преку крлежи), додека други се инвазивни (како Aedes albopictus, исто така познат како тигрест комарец кој може да шири денга треска). Потопла клима значи дека и ендемичните и инвазивните видови можат да се шират на север или да бидат присутни на повисоки надморски височини отколку во минатото. Се предвидува дека климатските услови за тигрестиот комарец ќе станат поповолни во големи делови од Европа, особено во западна Европа, која може да стане место каде што комарецот ќе биде редовен жител до крајот на векот.

Маларијата би можела повторно да се појави во Европа поради широко распространето присуство на видовите комарци Anopheles кои можат да ја носат болеста. Зголемените врнежи и присуството на застојана вода создаваат повеќе живеалишта за комарците, а потоплите температури ја зголемуваат стапката на каснување од комарци и развојот на паразитот Плазмодиум кој предизвикува маларија.

Што може да се направи за подобро да се подготвиме и адаптираме?

Подготовката на нашите општества за климатските промени во Европа е водена од рамката на политиката на ЕУ (главно стратегијата на ЕУ за адаптација на климатските промени и Законот за климата на ЕУ) и националните политики. Сите земји-членки на ЕУ, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Турција (земји-членки на ЕЕА) веќе имаат национални политики за адаптација. ЕЕА го следи планирањето и имплементацијата на адаптацијата на земјата со користење на пријавени информации од земјите-членки и други извори.

Фото: Roman Boed/PxHere

Сепак, може да се направи повеќе за поврзување на политиките за адаптација со секторските политики, на пример за здравството. Повеќето национални политики за адаптација и здравствени стратегии ги препознаваат влијанијата на топлината врз кардиоваскуларните и респираторните системи. Но, помалку од половина ги покриваат директните влијанија на топлината како дехидрација или топлотен удар.

Постои итна потреба да се зголеми имплементацијата на мерките за адаптација, како што се акционите планови за топлина и здравје, зголемување на бројот на зелени и сини простори (дрва и вода) во градовите кои можат да ги намалат температурите и да го намалат ризикот од поплави, или надзор и рано предупредувања за заразни болести чувствителни на климата.

Итно е потребна адаптација во земјоделството. Земјоделците можат да ги ограничат негативните влијанија од екстремните температури и сушата со прилагодување на сортите, менување на датумите на сеидба и со променети модели на наводнување. Без поголема адаптација, приносите и приходите на земјоделските поседи се предвидува да се намалат во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс