Europe House го прослави четвртиот роденден со архитектонски конкурс за Скопје

Метрополата треба да се обликува преку визијата на младите архитекти

Europe House Скопје ја одбележа својата четврта годишнина со спој на наследството и визијата за иднината, одржувајќи изложба и церемонија на доделување награди за конкурсот за архитектонски и урбанистички дизајн „Скопје на новата генерација“. Архитектонското творештво на една метропола треба да се обликува преку визијата на младите архитекти и тие треба да ја наметнат својата перспектива во урбаниот простор и да бидат предвесници на новите архитектонски движења. Токму ова беше мотивот за архитектонскиот конкурс на кој пристигнаа 12 пријави од 24 млади архитекти.

Заедно со роденденот на Europe House или како што го нарекуваат, домот на новата генерација, во шалтер салата на Главната пошта, Europe House ја одбележа и  60 годишнината  од скопскиот земјотрес како и 13 Ноември, денот на ослободување на Скопје.

Исклучително моќната структура на главната пошта, нејзината форма и архитектонски стил кои се симбол на реконструкцијата по силниот земјотрес во 1963 година и една од најсилните обележја на градот Скопје, покрај пријателите на Europe House, ги собра и делата на 12 младите архитекти кои учествуваа на конкурсот. Тие преку нивната визија имаа можност да ги споделат своите гледишта и да ги дефинираат капацитетите на старите и заборавени градски делови.  Патот кон одржлива иднина на главниот град беше претствен токму преку нивните идејни решенија. Првата награда ја доби „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”) на Антонио Грујевски за фонтаната „Лотос“ во Градски парк Скопје. Втората награда ја добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова за „Реимагинирање на боените бранови“ (“Reimagining Colorwaves”), за кејот „Димитар Влахов“ покрај реката Вардар. Третата награда им припадна на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска за нивниот проект „СпајнХ“ (“SpineX”), наменет за ревитализација на улицата „Пластичарска”.

Победниците на конкурсот ги прогласи од ЕУ Амбасадорот, Дејвид Гир кој како што кажа во изјава  за “Трн” и самиот има посебен восхит кон делата од ерата на брутализмот.

-Брутализмот е многу потценет како стил, но во истовреме е прекрасна архитектура која е толку сигурна во себе, во иднината и во својата визија на светот. Кога гледате еден објект од брутализмот гледајте како бетонот се игра со формата, визијата и движењето. Оваа зграда е најдобар пример за тоа. Ова можеби и мој омилен објект од брутализмот кој воедно е и споменик на раѓањето на постземјотресно Скопје. Затоа и ни е важно да го видиме реставрирањето на овој објект кој денес е во лоша состојба и се распаѓа – подвлече амбасадорот Гир.

Europe House во изминативе четири години постојано работи на тоа да креира место за младите луѓе и нови генерации. За да можат, како што вели амбасадорот Гир за Трн, младите да зборуваат за работи кои се важни за нив, да бидат активни, да разменуваат искуства и да ја обликуваат иднината. До сега Europe House има отворено пет канцеларии и се отвараа уште две.

-Европските вредности се всушност универзални вредности. Кога зборувате со луѓето тие постојано велат дека се стремат сакаат да живеат во општество во кое ќе бидат еднакви, во кое ќе можат да го изразат своето мислење и во кое иднината на нивните деца ќе биде сигурна. Затоа мора да се бориме сите токму за таков тип на општество – вели амбасадорот Гир за “Трн”

На настанот што се одржа  во објектот што „Europa Nostra“ го стави на листата на седумте најзагрозени културни споменици во Европа, се обрати и министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска. -Ова значајна пригода, на Europe House Скопје од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура. Овој конкурс оди чекор напред и го премостува минатото со аспирациите за иднината, подвлече Костадиновска-Стојчевска честитајќи им на младите архитекти кои ја претставија нивната визија за новата архитектура на градот Скопје, која повеќе се осврнува на иднината, одржливоста и прогресот, отколку на минатото и историските правци кои досега го дефинираа Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс