Фрустрации и агресија кај младите се причини за дивеење и насилство по скопските улици

Во последно време, Скопје сведочи на зголемени инциденти на агресивно однесување, вклучувајќи ги неодамнешни дивеења во центарот на градот. Овие настани не само што предизвикуваат загриженост во општеството, туку исто така поставуваат важни прашања за фрустрациите со кои се соочуваат младите и децата. Какви се причините зад ова насилство и како можеме да ги разбереме емоционалните реакции на младите?

Фрустрацијата, како емоционална реакција на незадоволени потреби, може да доведе до агресивно однесување ако не се управува правилно. Младите често се изложени на различни стресори, вклучувајќи социјални, економски и семејни притисоци, кои можат да создадат чувство на безнадежност и незадоволство. Оваа ситуација ги принудува да бараат начини за изразување на своите емоции, што понекогаш резултира со насилство.

За да ги разбереме подлабоко овие проблеми, разговаравме со Рената Диманоска, лиценциран психолог и гешталт психотерапевт од Центарот за психолошко советување и психотерапија „Свесност“. Нејзините одговори ќе ни помогнат да разбереме како семејната динамика, општествените норми и индивидуалните искуства влијаат на развојот на агресивното однесување кај младите. Овој текст ќе се фокусира на важноста на идентификување на причините за фрустрација и начини за справување со нив, со цел да се создаде поддржувачка средина за нашите деца и млади,

Рената Диманоска

Трн: Што го предизвикува агресивното однесување кај младите?

Рената: Агресивното однесување може да биде предизвикано од комбинација на психолошки, биолошки и социјални фактори. Во делот на психолошки фактори би ги спомнала присуството на незадоволени потреби, што може да резултира со појава на фрустрација, негативна слика за себе и непрепознавање на своите потенцијали, присуство на анксиозност, депресија што може да влијае на емоционалната регулација и да доведе до појава на агресивно однесување. Во однос на биолошките фактори би ги спомнала генетските предиспозиции, хормоналните промени поврзани со пубертетот, како и неврохемиски дисбаланс ( низок серотонин ) може да доведе до појава на агресивно однесување. Во делот на социјалните фактори би се насочила на дисфункционални односи, присуство на насилно однесување во семејството и надвор од него, недостаток на поддршка, изложеност на врсничко или медиумско насилство, како и недосток на позитивни модели за идентификација и општествени норми кои толерираат и поттикнуваат агресивно однесување.

Трн:Какви се знаците на агресивното однесување и како можеме да ги препознаеме?

Рената: Агресивното однесување кај младите можеме да го препознаеме преку

  • Вербални знаци како што се навреди, закани, омаловажување, викање и слично.
  • Физички знаци како што се удирање, туркање, кршење, физички напад и сл.
  • Недостаток на емоционална регулација што може да резултира со брзо губење на контрола, раздразливост, намалена емпатија, појава на чувство на гнев кои не се соодветни со дадената ситуацијата.
  • Појава на чести конфликтни односи со врсници или изолирање и избегнување на социјална интеракција.
  • Појава на пасивно – агресивно однесување како намерно саботирање или одложување на задачи и обврска

Трн: Каква улога играат семејството и околината во развојот на агресивното однесување?

 Рената: Семејството и околината имаат големо влијание врз појава и развој на агресивно однесување.  Најпрво би нагласила дека од најмала возраст децата учат по модел, па доколку во семејството постојано е присутно агресивно и насилно однесување и детето е постојано изложено на истото, постои голема веројатност и детето да го усвои тој начин на однесување. Прекумерената контрола од една страна или целосното занемарување од друга може да доведат до појава на агресија и агресивно однесување. Изложеноста на врсничко насилство како и насилни содржини кои го нормализираат агресивното однесување и тоа како влијае врз децата. Присуството на трауматски настани и занемарувањето на истите, може да доведе до појава на агресивно однесување како начин на справување со истите

Трн: Кои последици може да ги има агресивното однесување на социјалниот живот на младите?

Рената: Агресивното однесување може да доведе до појава на социјална изолација, повлекување и избегнување на врсниците, што води до појава на чувство на осаменост. Појава на чести конфликти со семејството, врсниците и наставниците. Потешкотии во емоционалната регулација, избувливост, намалување на чувството на емпатија и разбирање на другите, намален праг на толеранција и слично. На долг план агресивното однесување може да доведе до појава на антисоцијално однесување и потешкотии како во домот така и надвор од него.

Трн: Што е важно да знаеме за разликата помеѓу нормалната фрустрација и агресијата кај младите?

Рената: Фрустрацијата претставува емоционална реакција на незадоволени потреби како резултат на присуство на дадена пречка. Фрустрацијата може да биде проследена со чувство на вознемиреност, но не значи нужно дека води кон насилно однесување. Во ситуации кога потребата на личноста и понатаму останува незадоволена, или не се решава причината која што довела до појава на фрустрација постои веројатност од појава на агресија и агресивно однесување кое може да биде насочени кон околината ( кон надвор) или кон самата личност ( кон внатре ).

е-Трн да боцка во твојот инбокс