Голем пожар шести ден беснее над Сараево: Евакуиран работник од врвот на Требевиќ

Пожарот на планината Требевиќ повторно се разгорел, а поради огнената стихија од опасната зона кај телевизискиот и комуникацискиот столб бил евакуиран еден работник.

Голем пожар повторно беснее на планината Требевиќ над Сараево, каде што огнената стихија трае веќе шести ден. Припадниците на Горската спасувачка служба од Источен Стари Град биле испратени на терен откако добиле информација дека работници ангажирани на одржување на столбот се загрозени од пожарот. Еден од нив успешно бил евакуиран од опасната зона.

Од спасувачката служба предупредуваат дека пожарот има сериозни размери и апелираат до граѓаните да не се упатуваат кон врвот на Требевиќ и кон подрачјата зафатени со огнот, за да не ја попречуваат работата на пожарникарите и другите итни служби.

Огнот повторно се разгорува

Пожарот на Требевиќ избувнал минатата недела на западната страна на планината, зад репетиторот, во густо пошумено и тешко пристапно подрачје. Во изминатите денови пожарникарите успевале да локализираат делови од пожарот, но огнот повторно се активирал.

Дополнителен проблем е што на одредени места пожарот гори и под земја, што значително го отежнува неговото целосно гаснење. Теренот е исклучително непристапен, поради што на пожарникарите им е отежнат пристапот до дел од огнената линија.

На ноќните снимки од местото се гледа долга огнена линија на врвот на планината, проследена со густ чад. Засега нема информации за други повредени лица. Причината за избувнувањето на пожарот сè уште не е позната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс