Изучување и афирмација на македонскиот јазик надвор од границите

Неодамна беше утврдена динамиката за почеток на предавањата по македонски јазик на Универзитетот во Тирана, со што се потврдува афирмацијата на јазикот надвор од границите.  Деканката на факултетот во Тирана, Есмералда Кромида, поздравувајќи ја иницијативата потенцираше дека факултетот ќе преземе активности за популаризација на македонскиот јазик меѓу студентите и негово поставување во програмата на распоредот на предметите. За почеток таа предложила во првиот семестар утврдување на четири кредити, а согласно развојот на интересот ќе се зголемува програмата со вклучување на македонски јазик и култура.

Професорот Људмил Спасов изјави дека во рамките на пристапните преговори кон Европска Унија мораме да имаме стручен кадар по македонски јазик за да може да го пренесе знаењето на најдобар можен начин низ Европа.

Инаку, одамна е познато дека македонскиот јазик и македонското малцинство во соседните земји се нераскинлив дел од културата.  Културните работници како најголеми амбасадори на јазикот и културата отсекогаш биле најзаслужни за афирмација на македонскиот јазик и култура надвор од границите.

По 30 години ансамблот на Народен театар – Битола настапи на сцената Artturbina во Народниот театар во Тирана со изведба на претставата „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани и беше поздравен со долг аплауз и овации од публиката во преполната сала.

По покана од македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, на музичкиот фестивал „Клауд“, кој се одржува во мај во овој град, минатата седмица настапи музичкиот состав „Фолтин“ од Битола. Како што пренесува КИЦ-Тирана, концертот на „Фолтин“ започна хипнотично и мирно, спокојно – како да се споија во едно виолетово небо над Тирана музиката на Фолтин и публиката.

Драмски театар Скопје со претставата „Чудесна терапија“ деновиве гостуваше во Сараево на најновото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА. Организатор на фестивалот што се одржува во периодот од 19 до 25 мај, е сараевскиот „Камерни театар 55“.

Домашни настани за популаризација на јазикот

Последнава година активно се работи на  афирмација на македонскиот јазик и култура. И етаблираните годишни настани, но и новите културни иницијативи ставаат акцент на значењето на јазикот, како и на културата која се произведува со и низ него.

Најголемиот книжевен настан што се одржа неодамна, Саемот на книга, во фокус ги имаше македонските автори и афирмација на нивните дела. Секојдневно беа одржувани средби со авторите како и бројни промоции и поврзани со Денот на македонскиот јазик, 5 Мај.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со кампањата  „Читаме современи македонски автори“ има за цел да ја подигне и засили читачката култура, пред сѐ преку читање домашни автори и поддршка на македонската книжевна продукција. Првата фаза од кампањата завршува овој месец и во неа беа вклучени осум македонски автори. Втората фаза е предвидено да започне од септември 2023 година.

Уште една институција која го афирмира македонскиот јазик и македонскиот автор е националниот тетар – Македонскиот народен театар. ,,Ниту еден театар во светот не може да постои ако го нема домашниот автор. Ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни и да ги прераскажуваме. Но, она што ни е важно е сопствениот идентитет, начинот на третирање на сопственото минато и начинот на поставување на патеката кон сопствената иднина, која почнува од домашниот автор, односно од македонскиот драмски автор. Неопходно е да постојат многу повеќе македонски драмски автори на македонските сцени. Нема национален театар без национална драма.’’

Ова беа дел од пораките кои беа испратени од страна на драмските автори, на трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“ по повод 78 години од првата премиера на театарот.

Годинава по петти пат се одржа и филмската ревија „Златна рамка“ на која се промовира македонската кинематографија и која цели да ја стимулира и унапредува филмската уметност во земјава.

Творештвото на македонски јазик добива поголема видливост, но што се случува околу унапредувањето на јазикот и грижата за него во време на огромни промени во средствата за комуникација?

Токму затоа на оваа тема разговаравме со професорот Људмил Спасов – претседател на Советот за македонски јазик, кој годинава предложи нов Закон за употреба на македонскиот стандарден јазик. Предлог-законот Советот го изготви заедно со Министерството за култура.

„Првиот закон за употреба на македонскиот јазик е донесен 1989 година, на кој имам учествувано и јас, а потоа тој закон е само менуван, дополнуван и слично. За прв пат по 34 години се предлага носење нов закон за употреба на стандардниот македонски јазик“- изјави Спасов.

Од нас зависи колку ќе го употребуваме македонскиот јазик

Една од новите во законот е формирање на Инспекторат за македонски јазик чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба, задолжително лекторирање, изработка на Национална стратегија за македонскиот јазик, но и стипендии за студентите, се дел од новините кои се предвидени во новиот Закон за употребата на македонскиот јазик.

Според Спасов, во практиката сè повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот.

„Со ослободување на  комуникацискиот простор, имаме огромен број портали каде пишуваат новинари, имаме проширена издавачка продукција, не само на хартија и електронска, имаме и голем број научни списанија од разни области, како и стручни – овој закон предвидува афирмација на стандардниот јазик во смисла на тоа сите јавни установи и приватни организации да вработат лектор. Не дека досега немало, некаде имало, некаде немало и плус на тие лектори што биле таму и што се лектори им се даваат милион други задачи а не ја работат основната работа“, констатира Спасов додавајќи дека за да се спроведе новиот закон потребни се инспекциски служби кои предвидуваат и казни, меѓутоа не е целта на овој закон да се оди по улица и да казнува, туку целта е да се подигне правилната, добрата, квалитетната употреба на македонскиот стандарден јазик.

„За да се афирмира научната работа, овој закон предвидува афирмирање на научни проекти. Не дека досега немало, туку се е тоа некако расфрлано и се губат. Поттикнување на педагошкиот аспект на употребата на македонскиот јазик, од градинки до факултети, до институции односно да се добие поквалитетна настава, поквалитетни учебници, законот ќе има големи амбиции. Зависи од сите нас, дали ќе го употребуваме овој јазик, дали ќе го почитуваме во неговата вистинска форма“ – укажува професорот.  

Прво опомена за прекршителот, потоа парична казна над 500 евра

Казните кои се предвудуваат не се директни, прво за прекршителот ќе има опомена, потоа ќе следува казна. Но сепак, укажувањата се дека законот примарно ќе настојува да го афирмира и стандардизира јазикот. Особено тоа е важно во јавниот дискурс.

Во врска со тоа дали новиот закон за употреба на македонскиот стандарден јазик може да влијае врз другите јазици, имајќи предвид дека во нашата држава нивниот број е поголем, Спасов објаснува дека не само кај нас, туку во голем дел од Европа се зборуваат повеќе јазици во една држава.

„Овој закон не ги негира таквите употреби. Ги поттикнува другите заедници чиј што мајчин јазик не е македонскиот, да го почитуваат и изучуваат затоа што тој е официјален јазик на државата“, вели тој.  

Сега ќе биде неопходно она што се издава на македонски јазик да помине лектура. Тоа зависи во голем дел од посветеноста на лекторите. Има лектори кои ставаат само потпис и толку. Меѓутоа новиот закон и тоа го регулира и ќе следат одземање на лиценци за тие лектори што не си ја вршат нивната работа како што е предвидено.

Тоа е една од улогите на законот за македонски јазик, констатираше Спасов, додавајќи дека преку Советот се успеа да се покрене свеста во јавноста за значењето на овие прашања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс