Кафето без кофеин има неочекуван ефект врз мозокот: Научниците изненадени од резултатите

Мало истражување покажа дека учесниците кои пиеле кафе без кофеин постигнале подобри резултати на два теста за меморија. Научниците претпоставуваат дека важна улога може да имаат цревните микроорганизми, а не само кофеинот.

Кафето без кофеин можеби нема да ви го даде истиот чувство на разбуденост како обичното кафе, но би можело да има една неочекувана предност за мозокот. Во помало истражување, невронаучниците откриле дека учесниците кои пиеле кафе без кофеин постигнале значително подобри резултати на два теста за меморија, додека кај оние што пиеле кафе со кофеин не било забележано слично подобрување.

Резултатите, објавени во април во научното списание „Нејчр комуникејшнс“, укажуваат дека влијанието на кафето врз мозокот можеби е посложено отколку што се претпоставувало. Како што пренесуваат „Н1 Загреб“ и „Сајенс алерт“, научниците сметаат дека во оваа врска може да учествуваат и микроорганизмите што живеат во цревата.

Кафето е многу повеќе од кофеин

„Кафето е многу повеќе од самиот кофеин. Тоа е сложен фактор во исхраната што влијае врз микроорганизмите во цревата, метаболизмот, па дури и врз нашата емоционална состојба“, објаснува невробиологот Џон Крајан од Универзитетскиот колеџ Корк во Ирска, кој го истражува стресот и комуникацијата меѓу цревата и мозокот.

Според него, резултатите укажуваат дека кафето, без оглед на тоа дали содржи кофеин, може да има различни ефекти врз здравјето што меѓусебно се надополнуваат. Неговата лабораторија ја проучува врската меѓу мозокот и цревниот микробиом – заедницата од микроорганизми што живеат во дигестивниот систем и учествуваат во различни процеси во организмот.

Крајан и неговиот колега Тед Динан уште во 2013 година го вовеле терминот „психобиотици“, кој се однесува на можноста одредени пробиотици да влијаат врз менталното здравје преку промените во цревниот микробиом и неговата комуникација со мозокот. Сега научниците сакаат подобро да разберат дали и кафето може да влијае врз оваа комуникација.

Што се случувало во истражувањето?

Во експериментот спроведен во лабораторијата на Крајан учествувале 31 лице кои редовно пиеле кафе. Од нив било побарано две недели да се откажат од своите вообичаени три до пет шолји дневно. По овој период, научниците забележале значителни промени во составот на цревниот микробиом, анализирајќи примероци од столицата на учесниците.

Потоа учесниците биле поделени во две групи. Едната добивала кафе без кофеин, а другата кафе со кофеин, без да знаат која варијанта ја пијат. Во текот на три недели повторно консумирале по четири порции инстант-кафе дневно, при што научниците забележале брзи промени во микробиомот кај двете групи, независно од присуството на кофеин.

Учесниците пријавиле и намалување на доживеаниот стрес, депресивноста и импулсивноста по повторното воведување на кафето, вклучително и кај оние што пиеле кафе без кофеин. Според Крајан, забележана била поврзаност меѓу одредени промени во когнитивните способности, имунолошките показатели, стресот и составот на микробиомот.

Сепак, не сите резултати биле исти кај двете групи. Повторното воведување кафе со кофеин било поврзано со намалена анксиозност и психолошка вознемиреност, како и со подобрување на вниманието и будноста. Ова се совпаѓа со претходните сознанија дека кофеинот има специфични ефекти врз вниманието и расположението.

Подобра меморија кај оние што пиеле кафе без кофеин

Најголемото изненадување дошло од тестовите за меморија. Само учесниците кои пиеле кафе без кофеин постигнале статистички значително подобри резултати на два теста, во кои требало да запомнат зборови и локации.

Групата што пиела кафе без кофеин се подобрила во неколку делови од тестот со зборови, а направила и помалку грешки при тестирањето на меморијата за локации. Кај групата што пиела кафе со кофеин не било забележано статистички значително подобрување на овие тестови.

Научниците засега немаат дефинитивно објаснување за разликата. Една од можностите е дека полифенолите во кафето, растителни соединенија што ги содржи и варијантата без кофеин, служат како храна за одредени цревни микроорганизми. Тоа би можело да предизвика промени во нивната активност и во супстанциите што ги создаваат, а кои потенцијално влијаат врз мозокот.

Кафето не содржи пробиотици, но содржи бројни полифеноли и други соединенија што можат да влијаат врз организмот. Кофеинот, од друга страна, може да ја премине крвно-мозочната бариера и директно да делува врз нервното ткиво. Затоа, ефектите од кафето веројатно произлегуваат од комбинација на различни механизми, а не од една единствена состојка.

Научниците предупредуваат: Истражувањето е мало

И покрај интересните резултати, истражувачите нагласуваат дека станува збор за мало и прелиминарно истражување. Со само 31 учесник, не може со сигурност да се утврди дали кафето без кофеин навистина ја подобрува меморијата кај пошироката популација, ниту дали промените во цревниот микробиом се директната причина за забележаните резултати.

„Ова е мало истражување што отвора многу прашања“, признава Крајан. Потребни се поголеми и подетални студии за да се утврди кои соединенија во кафето се одговорни за ефектите, како тие комуницираат со цревните микроорганизми и дали забележаните промени имаат долгорочно значење за когнитивното здравје.

Истражувањето, сепак, додава нова димензија во разбирањето на кафето. Додека јавноста најчесто го поврзува со кофеинот и неговото дејство врз будноста, резултатите сугерираат дека и кафето без кофеин може да има биолошки ефекти што заслужуваат понатамошно проучување.

Засега, научниците не препорачуваат кафето без кофеин да се користи како средство за подобрување на меморијата. Но, откритијата отвораат можност кафето во иднина да се истражува и како дел од поширокиот пристап кон здравјето на дигестивниот систем и мозокот, во рамките на урамнотежена исхрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс