Кој е 29-годишниот милијардер што му помогна на Зукерберг да го освои пазарот на вештачка интелигенција?

Александар Ванг, основачот на „Скејл Еј-Ај“, е еден од клучните луѓе во новата стратегија на „Мета“. Нејзиниот асистент Мјуз, според написот, за само две недели стигнал до врвот на листата бесплатни апликации во „Епл“ и го надминал ЧетГПТ според бројот на преземања.

„Мета“ на Марк Зукенберг се обидува да го зацврсти своето место во трката за вештачка интелигенција, а еден од клучните луѓе во таа стратегија е 29-годишниот Александар Ванг, основач на компанијата „Скејл Еј-Ај“ (Scale AI). Неговото име повторно е во центарот на вниманието по лансирањето на дигиталниот асистент Мјуз (Muse), кој, според написот на српскиот портал „Телеграф“, се искачил на првото место меѓу бесплатните апликации во „Епл ап стор“ и таму се задржал две недели, надминувајќи го ЧетГПТ според бројот на преземања.

Апликацијата била претставена на 8 септември 2026 година. Во првите две недели, според податоците што ги пренесува „Телеграф“, имала околу 2,8 милиони преземања. Успехот доаѓа по години големи вложувања во вештачката интелигенција, а од претставувањето на Мјуз до почетокот на октомври, акциите на „Мета“ пораснале за речиси 20 проценти, се наведува во написот.

Од четбот до асистент што извршува задачи

За разлика од класичните четботови, кои главно одговараат на прашања и генерираат текст, Мјуз е замислен како дигитален агент што може да извршува конкретни задачи. Според описот на апликацијата, корисниците можат да го користат за организирање патувања, пребарување понуди, резервации на сместување и летови, пополнување формулари и управување со секојдневните обврски преку поврзување со различни интернет-сервиси.

Ваквиот пристап е дел од пошироката промена во развојот на вештачката интелигенција: наместо само да даваат информации, дигиталните асистенти сè повеќе се насочуваат кон извршување задачи во име на корисникот. Тоа би можело да го промени начинот на кој луѓето купуваат, резервираат и користат онлајн услуги, бидејќи дел од процесите би се одвивале преку еден асистент, без потреба од отворање десетици различни веб-страници.

Вложување од 14 милијарди долари и нова улога за Ванг

Пресвртот во стратегијата на „Мета“ започнал во јуни 2025 година, кога компанијата вложила околу 14 милијарди долари во „Скејл Еј-Ај“ и стекнала удел од 49 проценти, според написот. Со договорот, Марк Цукерберг го привлече и Александар Ванг, кому му беше доверена значајна улога во развојот на новите производи за вештачка интелигенција и во работата на инженерските тимови, вклучително и групата Ти-Би-Ди лаб (TBD Lab).

Ванг го напуштил Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) на 20-годишна возраст за да ја основа „Скејл Еј-Ај“, компанија специјализирана за подготовка, означување и структурирање податоци потребни за тренирање на големи модели на вештачка интелигенција. Неговата кариера се разви во време кога квалитетните податоци станаа една од клучните основи на развојот на напредните системи за вештачка интелигенција, а тој се најде меѓу најмладите милијардери во технолошкиот сектор.

Генерацијата З влегува во врвот на технолошките компании

Ванг се издвојува и со стилот на комуникација, во кој користи интернет-хумор, мем-култура и активност на социјалните мрежи, вклучувајќи ја платформата Икс. Таквиот пристап може да ја направи комуникацијата на компанијата поблиска до помладата публика, но, според написот, предизвикал и несогласувања во корпоративните кругови околу начинот на управување и промоција.

Неговото назначување го симболизира и поширокото влегување на припадниците на Генерацијата З во раководните структури на големите технолошки компании. Сепак, младоста и популарноста не се гаранција за успех: Мјуз се натпреварува со производи и платформи што ги развиваат „ОпенЕј-Ај“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Епл“, компании со големи ресурси и веќе изградена база на корисници.

Најголемиот предизвик е приватноста

За да извршува резервации, купувања и други задачи во име на корисникот, автономниот асистент може да бара пристап до лични податоци, електронска пошта и календар. Тоа отвора важни прашања за приватноста, безбедноста и контролата што корисниците ја имаат врз информациите што ги споделуваат со дигиталните агенти.

За „Мета“, која управува со платформи што собираат големи количества кориснички податоци, довербата ќе биде особено важна. Успехот на Мјуз нема да зависи само од бројот на преземања и од способноста да завршува задачи, туку и од тоа колку јасно ќе им објасни на корисниците до кои информации има пристап, како ги користи и колкава контрола им остава врз нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс