Белорускиот претседател Александар Лукашенко синоќа се покажа како спасител на Русија, посредувајќи за постигнување на договор помеѓу шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин и рускиот претседател Владимир Путин за да запре „Маршот за правда“ со кој војниците на Пригожин сакаа да ја освојат Москва.
Согласно постигнатиот договор, посредуван од Лукашенко, Пригожин и неговите војници нема да одговараат за предавство, како што најави Путин во своето обраќање вчера. Тој ќе се пресели во Белорусија, додека војниците на Вагнер кои не учествувале во дејствијата вчера, ќе добијат можност да се вклучат во редовната руска војска.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Лукашенко се понудил да посредува во судирот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Пригожин, бидејќи тој се знаел и со двајцата долго време.

Песков рече дека кривичното дело што беше отворено против Пригожин за вооружен бунт ќе биде отфрлено и дека борците на Вагнер кои учествуваа во неговиот „марш за правда“ нема да се соочат со никакви дејствија, како признание за нивната претходна служба во Русија. Борците кои не учествувале ќе потпишат договори со Министерството за одбрана, кое се обидува да ги стави под своја контрола сите автономни доброволни сили до 1 јули.
Иако Путин претходно вети дека ќе ги казни оние кои учествуваа во бунтот, Песков рече дека договорот имал „повисока цел“ да се избегне конфронтација и крвопролевање.
Пред да се постигне договорот за запирање на вооружениот бунт, војниците на Вагнер беа на 200 километри од Москва, каде што ги чекаше руската војска.
Пригожин се одлучи за вооружениот бунт бидејќи, како што кажа, Русија се обидувала да ја распушти единицата Вагнер.
„Тие сакаа да ја распуштат воената компанија Вагнер. На 23 јуни тргнавме на маршот на правдата. Сега дојде моментот кога може да се пролее крв“, рече Пригожин во аудио порака.

Москва се подготвуваше за пристигнување на приватната војска предводена од бунтовничкиот платеник командант со подигање контролни пунктови со оклопни возила и војници на нејзиниот јужен раб. Црвениот плоштад беше затворен, а градоначалникот ги повика возачите да се држат надвор од некои патишта.
Молскавичниот напредок на војниците на Вагнер на патот кон Москва, ги отвораат прашањата за контролата на Путин и неговата администрација врз руската војска и држава.
Павел Фелгенхауер, руски одбранбен аналитичар, рече дека останува да се види што ќе се случува по овој инцидент.
„Што навистина ќе се случи, ќе треба да видиме наскоро. И кој всушност дал какви отстапки кому“, изјави тој за Ал Џезира. „Примирјата не се одржуваат така лесно. Пред да ги видите малите букви, не е време да се каже дека е готово“.
Ана Матвеева, од рускиот институт на Кралскиот колеџ во Лондон, рече дека настаните означиле значајна промена за политичкиот пејзаж на Русија.

„Тоа е првото поглавје во политичката транзиција на Русија. Ова е само првиот чекор. Ќе видиме повеќе случувања кои доаѓаат“, изјави таа за Ал Џезира.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата рече дека бунтот на војниците на Вагнер го разоткри целосниот хаос во Русија.
„Денес светот може да види дека господарите на Русија не контролираат ништо. И тоа не значи ништо. Едноставно целосен хаос. Отсуство на каква било предвидливост“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.
Обраќајќи му се на Путин на руски јазик, Зеленски рече: „Колку подолго вашите трупи остануваат на украинска територија, толку поголемо е уништувањето што тие ќе го донесат во Русија“.