Македонија ја менува играта со пушењето: Нови правила и казни со предлог нов закон

Македонија подготвува нов, построг закон за заштита од пушење. Како се релативизираше законот низ годините, што носат новите измени и како тие ја приближуваат земјата до европските регулативи – со фокус на здравјето и младите.

Во земјава пушењето останува сериозен јавно-здравствен проблем. Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје, околу 45,4% од возрасните се активни пушачи, многу повеќе од просекот во Европската Унија (19,7%). Голем број од обидите за откажување се неуспешни, а пушењето и понатаму е водечка причина за превентибилна смрт и хронични болести.

Ситуацијата со младите е исто така загрижувачка, речиси 38% од адолесцентите (15–16 години) пробале цигари, а 21% пробале електронски цигари, што укажува дека почетокот на зависноста се случува сè порано. Овие податоци доаѓаат во време кога државата предлага значајни измени на Законот за заштита од пушење со цел како што велат да ги намали штетните ефекти на тутунот и да ја усогласи националната регулатива со европските стандарди.

Законот против пушење во Македонија

Првиот Закон за заштита од пушење во самостојна Македонија е донесен во 1995 година. Тоа беше прв обид да се воведат правила кои ќе го регулираат пушењето, особено во јавни простории, но ефектот беше ограничен поради недоволна контрола и спроведување.

Со текот на годините, законот бил повеќепати менуван и дополнуван. Во 2003 се донесени првите измени и дополнувања, кои делумно почнаа да го ограничуваат пушењето во некои јавни простории. Во периодот од 2008 до 2011 се донесени нови уредби кои вклучуваат забрана за шушење на работните места и одредени јавни простори. Во 2010 година се донесени најстрогите забрани и се забрани пушење во затворени јавни објекти, што донесе извесен ефект, особено во угостителскиот сектор.

Сепак, во последните години, неколку практични и општествени релативизации ја слабееа примената на законот. Па така измените на законот од 2018 година дозволија пушење на тераси и други посебно одредени места, што практично го ослаби целосното ограничување во угостителски објекти. Во 2021 година беше легализирана употребата на уреди за загреан тутун (IQOS) во одредени затворени простории, со што се отвори нов простор за пушење во кафулиња и други јавни простории.

Она што беше главен проблем е недоследна примена и нелојална контрола. Законот често не се спроведува како што треба во различни делови од земјата поради слаб надзор, недоволно инспекциски контроли и општа толеранција на јавноста.

Овие практики придонесоа пушењето да остане широко распространето и да ја одржуваат високата стапка на консумирање.

Што носи новиот Предлог-закон?

Новиот предлог-закон за заштита од пушење, кој неодамна беше објавен за јавна расправа, е суштински чекор напред и вклучува целосна забрана за пушење. Забраната за пушење се однесува на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во речиси сите јавни и работни простории. Исто така се проширува на приватни возила во присуство на деца, што е нова, значајна мерка за заштита на најранливите.

Покрај ова се предлага ограничување на рекламирањето и промоцијата, целосна забрана на директна и индиректна реклама и промоција на тутун и никотински производи и ограничувања за медиуми, социјални мрежи, инфлуенсери, спонзорства и дигитални кампањи што таргетираат млади.

Се предлага и забрана на вкусови. Производи со ароми и вкусови (рибизла, ментол, други вкусови што ги таргетираат младите) ќе бидат забранети за производство, увоз и продажба.

Во делот на продажба и изложување, се забранува продажба на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Производите ќе бидат чуваат во затворени шкафови без визуелно привлекување, исто како што е пракса во многу земји од ЕУ.

Во делот на казни и инспекции, се предлагаат високи казни за правни лица (од 2.000 до 5.000 евра), одговорни лица (до 2.000 евра) и физички лица (од 150 до 300 евра). Инспекторите ќе имаат овластување и да наредат привремено затворање на објект до 3 месеци за непочитување на забраните.

Усогласување со европски регулативи

Овие мерки ја приближуваат Македонија кон европските стандарди за контрола на тутун, како што се бараат од ЕУ директивите за тутунски производи и рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот (FCTC). Новите ограничувања се во линија со насоките што ги следат земји кои веќе воведоа целосни забрани за пушење на јавни места, строги правила за рекламирање и силна заштита на младите.

Податоците во земјава покажуваат дека 45,4% од возрасните во Македонија се активни пушачи – значително повеќе од европскиот просек (19,7%). Исто така 38% од тинејџерите (15–16 години) пробале цигари, а 21% од тинејџерите пробале електронски цигари. Почеток на пушење често се случува пред 13 години, со голем дел од младината изложена на ризик уште пред да наполни 10–12 години.

Пушењето е водечка причина за болести на срцето, рак на белите дробови, хронични респираторни болести и други здравствени проблеми.

Новите законски измени за заштита од пушење, според експертската јавност и лекарите, се неопходен и конзистентен чекор за Македонија да ја намали една од најголемите здравствени закани во земјата. Сепак, историјата покажува дека законот самиот по себе не е доволен . Неопходна е редовна примена, контрола и едукација.

Со построги правила, поголеми казни, забрана на рекламирање и ограничена достапност, Македонија се движи кон европски стандарди на заштита на јавното здравје, со посебен фокус на младите и најранливите групи.

Пушењето долго време се гледаше како лична автономија и културен отпор кон строгите регулативи, но со оваа законска рамка, односот кон тутунот полека се трансформира, од симбол на слобода, кон јасна порака за здравје и одговорност кон заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс