Додека на жените им беше забрането да поседуваат бизниси во Франција во 19 век, три жени, кои беа исклучени од тоа правило поради статусот на вдовица, ги создадоа некои од најголемите империи на шампањ.

На периферијата на североисточниот француски град Ремс, кривулестите улички се спојуваат во близина на еден замок. На дваесетина метри под него се уште се чува старата, автентична приказна за развојот на пенливиот шампањ кој и ден денес е еден од најпрепознатливите белези на Франција. Во подрумските простории се кријат големи визби во кои со децении стојат шишиња полни со шампањ. На некои од шишињата одамна се наталожила прашина врз која туристите оставаат свои потписи дека биле тука. Токму тие шишиња се доказ за почетокот на винската иновација која денес ја знаеме како француски шампањ, а по заслуга на вдовицата Барбе-Никол Понсардин.
ВДОВИЦИТЕ ВЛАДЕАТ СО ВИНСКИТЕ ПОДРУМИ
Некои од најголемите иновации кои придонеле за создавањето на шампањот се препишуваат на генијалноста на неколку жени. Во 19 век, Наполеоновиот законик ги ограничувал жените да поседуваат бизниси во Франција ако за тоа немале дозвола од сопругот или таткото. Сепак, од тоа правило биле исклучени вдовиците. Токму вдовиците Барбе-Никол Понсардин, Луиз Помери и Лили Болинџер, меѓу другите, се оние кои први ги претвориле лозјата во империи за на крајот да ја трансформираат винската индустријата во производство на шампањ.

Откако починал сопругот на Барбе-Никол Понсардин, кој бил сопственик на една од најголемите винарии, таа се нашла пред банкрот. Очајно ѝ требале пари за бизнисот, па се позајмила од свекор, денешната противвредност од околу 835.000 евра. Тој го прифатил предизвикот иако бил скептик дека тоа ќе резултира со успех. Бербе-Никол од самиот почеток го користела својот статус на вдовица како маркетиншка алатка, а тоа дало позитивни резултати. Сепак сфатила дека не оди се по план, особено со продажбата на веќе познатите вина. Таа одлучила на шишињата со вино да стави натпис „veuve”, што значи вдовица. За кратко време нејзиниот слоган „Виното на вдовицата“ брзо се прославило. Но поради долгиот процес на чување и грижа за флашираното вино таа се соочила со нови предизвици.
И покрај тоа што Барбе-Никол го завршила четиригодишното стажирање кај локален производител на вино за подобро да научи како да го развива бизнисот, тој повторно се нашол на работ на колапс на почетокот на 19 век. Никол повторно позајмила пари од својот свекор, дополнителни 835.000 евра. Сепак, францускиот пазар иако добро го освојувала нејзе и требал извоз кој во тоа време бил ограничен поради Наполеонските војни. Соочена со нов банкрот, таа се сврте кон нов пазар и тоа Русија. Иако руската граница сè уште била затворена таа тајно изнесувала шишиња. Составот на виното и го отежнувал процесот, па еден ден се решила на нов начин на чување на шишињата.

Со побарувачката дошла и потребата за брзо зголемување на производството. Процесот на отстранување на мртвите клетки од квасецот од дното на шишињата, неопходен чекор во правењето шампањ, бил бавен и долг, но Барбе-Никол добила брилијантна идеја. Таа на своите вработени им рекла да направат дупки на масите и да ги превртат шишињата, односно со горниот дел да бидат „забиени“ во отворите и на тој начин мртвите клетки од квасецот ќе бидат на врвот на шишето и полесно ќе се отстранат. Ваквата идеја наишла на многу критики, но работниците ја послушале вдовицата. Таа техника се покажала како успешна, по што ја нарекле „загатка“, а истата се уште се користи кога е во прашање производството на традиционален, француски шампањ.

Втората вдовица што е заслужна за индустриската револуција на правење шампањ е Луиз Помери. Родена е во 1819 година, а во бизнисот со шампањ се впуштила во 1858 година, осум дена по смртта на нејзиниот сопруг, сопственик на големи винарии. Таа го искористила своето знаење кое го стекнала за време на престојот во Англија како студентка. Иако имала 15 годишен син и бебе во раце таа не се откажала, напротив силно чекорела во винската индустрија. И додека Барбе-Никол го освојувала рускиот пазар, Луиз Помери се фокусирала на англискиот пазар.
За разлика од денешниот шампањ, во тоа време тој содржел голема концентрација не шеќери и се служел со многу мраз. На тој начин со добивала ладна кашеста течност која, за жал, не ги освоила Англичаните. Сепак Луиз Помери не се поколебала да се откаже туку се мотивирала да промени нешто во својот шампањ. По низа промени како резултат на експерименти таа во 1874 година создала шампањ со карактеристично сув и свеж вкус. И додека повеќето производители на шампањ, во тоа време, градеа замоци откако постигнаа успех во бизнисот, Помери го направила спротивното, градејќи имот од плантажи и винарии како средство за привлекување на поголеми успеси.

Во средината на 20 век, Лили Болингер се појави на сцената, заокружувајќи ја златната тројка на вдовици кои направија промени во производството на уникатен, француски шампањ. Лили Болингер ја презеде семејната винарија во 1941 година кога починал Жак Болингер, нејзин сопруг и сопственик на брендот. Болингер одлучила своите видови на шампањ да ги пренесе на пазарите во САД. Три месеци таа патувала низ целата земја, сама, разнесувајќи од своите вина. Според официјалната историја на Болингер винаријата, таа се здобила со таква популарност што американскиот весник Чикаго ја прогласил за „прва дама на Франција“ во 1961 година.
Неколку години подоцна, Болингер го создала оригиналниот шампањ R.D. (свежо исцеден). Техниката на создавање на вакво вино подразбирала зреење на виното во самото шише, а мртвиот квасец и лушпите од грозјето, после подолги временски периоди ги отстранувала рачно од самото шише. Ваквиот шампањ се уште е еден од најпродаваните вина на винаријата.
Независноста и креативноста на трите вдовици го отворија патот на денешните современи жени – претприемачи, а нивните иновации се овековечени во стаклени шишиња.