Мери Јордановска: Внатре во фелата сме толку разјадени, што тажно е да се гледа.

Текстот е објавен на личниот профил на новинарката Мери јордановска и претставува нејзин личен став

Уште пред многу години, кога како новинари решивме да се „саморегулираме“, бев против тоа да биде единствено решение и сè уште сум. Оти противејќи се државата да нè регулира (со можност во законските решенија да учествуваат сите новинарски здруженија), на крај стигнавме до тоа судот да нè регулира, кој е новинар а кој не е. И сега, дојдени сме до стадиум кој како сака и секој со различен мотив да ни го толкува трудот, напорот и сè што вложуваме во оваа професија.

Ние си знаеме меѓу себе кои сме (и како суетно се јадеме едни со други), ама комшијата мој не знае да направи разлика меѓу професионален портал и порталче отворено некаде на Кипар.

За минимум законски одредби зборувам дека за да се има портал мора да се има фирма или здружение на граѓани, во кое ќе има вработени, ќе се плаќа данок, ќе биде регистрирана да врши таква дејност, ќе има автор на текстовите, ќе информира за теми од јавен интерес. Ако го имавме ова законски, никој жив немаше да може да си игра како сака со професијата новинар.

Каде е поделеноста? Здруженијата на граѓани се финансираат од проекти, фирмите од реклами. И тука ќе се испојадеме, едните „странски платеници“, другите „платеници на бизнисмени“. И така, никаде не стигнуваме. Ние, внатре во фелата сме толку разјадени, што тажно е да се гледа. Никаква саморегулација не нè решава. И така очајно ќе нè реши некој друг, некоја судијка, оти суетите не можеме да си ги голтнеме.

Жртви се граѓаните, читателите, публиката, потполно збунета, која не знае кому да верува. Самите си го направивме ова, ставајќи ги на исто ниво оние кои ја искористија ситуацијата и се самопрогласија за новинари, а на сметка на тоа, судски инстанци пресудија дека некои не се.

Битката е многу поголема отколку што изгледа. Саморегулација – да, ама пропратно. Сè останато е можност друг да ни пресудува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс