Младите пчели учат, а не им е вродено, да „танцуваат“ и така помагаат на постарите да најдат храна, тврдат научниците (видео)

„Танцот за вртење“ е форма на сложена комуникација што тие мора да ја научат и да ја усвојат за да им сигнализираат на своите роеви каде е најдобрата храна. Младите пчели со „танцот“ односно кружното летање и движење на крилцата во форма на бројот осум кое се изведува со огромна брзина, помала од една секунда, им дава сигнал на останатите пчели во која насока има квалитетни растенија. Научниците претходно мислеа дека таквата рутината им е вродена, но сега открија дека тоа го учат со гледање на повозрасните пчели.

Научниците велат дека пренесувањето на вакво однесување, од една генерација на друга е „белег на културата“. Досега таквото однесување стекнато по пат на следење на поискусните е добро препознатливо кај луѓето, но сепак беше забележано и кај животните, а не и кај инсектите.

До ваквите заклучоци научниците стигнале со следење на однесувањето на пчелните роеви. Истражувањата започнале со набљудување на младите пчели и нивното прво однесување на „танцот“. По дваесет дена од првото набљудување, научниците дошле до сознанија дека нивното „танцување“, односно летање е многу попрецизно и е без многу грешки кои ги правеле при првите денови од нивното роење. Исто така при експериментите е добиена и констатација дека младите пчели кои немале можност постојано да ги следат повозрасните дале полоши резултати. Ваквиот феномен кај пчелите е спореден со развојот на говорот кај луѓето, каде што раната изложеност на постојан говор е од суштинско значење за развој на говорниот апарат.

„Низ истражувања сфативме дека, како нас луѓето, животните можат да разменуваат информации кои им се важни за опстанок во заедницата. Нашето ново истражување покажа дека ваквото однесување е карактеристично и за некои видови инсекти како што се пчелите“, вели Џејмс Них, професор по екологија, однесување и еволуција на Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего.

Ваквите нови сознанија доаѓаат како резултат на пронаоѓањето на нови видови пчели и бумбари кои станале цел на анализа на истражувачи од Лондон. Коментирајќи за студијата за медоносна пчела, Ларс Читка, професор по сензорна и бихејвиорална екологија на Универзитетот Квин Мери во Лондон кажал дека до сега „слепо“ се верувало дека техниките на комуникација меѓу инсектите се вродени, а не стекнати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс