Лука Модриќ ќе остане во Милан и следната сезона, пренесува италијанскиот Sky Sport, наведувајќи дека клубот е во завршна фаза од преговорите за продолжување на договорот до 30 јуни 2027 година. Според медиумот, остануваат да се договорат само последните детали пред хрватскиот репрезентативец официјално да стави потпис на новиот едногодишен договор.
Модриќ минатото лето пристигна во Милан по 13 години минати во Реал Мадрид, каде стана најтрофејниот фудбалер во историјата на клубот. Во својата прва сезона во дресот на „росонерите“ одигра 34 натпревари, постигна два гола и запиша три асистенции, потврдувајќи дека и на 40 години е еден од најквалитетните играчи на својата позиција.
Неговите игри беа пречекани со воодушевување од навивачите и италијанската јавност, а Милан одлучи да ја продолжи соработката по неколкунеделни преговори.
Иако и понатаму ќе има важна улога во тимот, италијанските медиуми очекуваат Модриќ да добие помала минутажа во новата сезона. Причините се неговата возраст, но и погустиот распоред, бидејќи Милан покрај првенството и Купот ќе настапува и во Лига Европа. По заминувањето на Масимилијано Алегри, новиот тренер Рубен Аморим во повеќе наврати јавно изјави дека сака Модриќ да остане во тимот и дека лично разговарал со него за продолжување на соработката.