Москва се закани: Ќе напаѓаме британски воени цели во и надвор од Украина

Москва се закани дека ако со британско оружје бидат нападнати цели во Русија, тогаш ќе бидат нападнати британски воени цели

Русија предупреди дека би можела да нападне британски воени цели во и надвор од Украина како одговор на украинските напади врз цели во Русија со употреба на британски крстосувачки ракети со долг дострел.

Предупредувањето, кое портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го упати на прес-конференција во Москва, е најсилното од ваков вид што Русија досега го упатила до Велика Британија, земја членка на НАТО и цврст сојузник на Украина.

Захарова рече дека Лондон е „на еден чекор“ од тоа законски да стане соизвршител во она што таа го нарече „тероризам“ против руски цивили и дека тоа би имало „катастрофални последици“ доколку Велика Британија не го промени курсот.

„Постојано предупредувавме дека сите британски воени објекти и опрема во Украина и надвор од нејзините граници би можеле да бидат цел на напади како одговор на украинските напади врз руска територија извршени со британско оружје“, рече таа.

„Ризик од ескалација“

„Предлагаме британското раководство уште еднаш внимателно да ја анализира ситуацијата и веднаш, на најрешителен и недвосмислен начин, да се откаже од агресивната линија на непријателот, што може само да создаде ризик од ескалација на конфликтот на сосема ново ниво“, рече Захарова.

Предупредувањето дојде еден ден откако Русија ја обвини Украина за испукување британски ракети „Сторм Шедоу“ врз трговски центар во рускиот град Донецк во источна Украина, во напад во кој, како што рече, биле повредени цивили, меѓу кои и деца.

Кремљ во понеделник соопшти дека Велика Британија методично додава „масло на огнот“ откако Лондон објави дека ќе му дозволи на Киев пристап до тајна технологија за да го започне сопственото производство на крстосувачки ракети „Сторм Шедоу“, кои можат да се користат за напади длабоко во Русија. Франција веќе се согласи да ја лиценцира технологијата за европската ракета.

е-Трн да боцка во твојот инбокс