Нов биланс по страшните поплави на Хималаите: 162 загинати, стотици исчезнати

Бројот на загинати во поплавите во Хималаите достигна 162 во Непал, додека Кина пријави три жртви и 558 исчезнати лица. Потрагата продолжува.
Фото: EPA/NARENDRA SHRESTHA

Бројот на загинати во разорните поплави и одрони во хималајскиот пограничен регион продолжува да расте. Непалската полиција соопшти дека досега се потврдени 162 жртви, додека повеќе од 40 повредени лица се лекуваат во болници. Во соседна Кина се пријавени три загинати лица и 558 исчезнати, со што бројот на жртви и лица за кои се трага во двете земји е значително зголемен.

Поплавниот бран предизвика огромни наноси од кал и бројни одрони на карпи долж реката Боте Коши, во планинскиот пограничен регион меѓу Непал и Кина.

Во невремето биле однесени мостови, оштетени брани, а повеќе домови биле затрупани под кал и камења. Спасувачките екипи од двете страни на границата продолжуваат со потрагата по исчезнатите, но условите на теренот сериозно ги отежнуваат операциите. Густите наноси од кал и нестабилниот терен го забавуваат пристапот до погодените подрачја, пренесува ДПА.

Причината за поплавниот бран сè уште се истражува, додека властите продолжуваат со проценката на штетите и потрагата по лицата за кои нема информации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс