“Did You Know That There’s a Tunnel Under Ocean Blvd” е називот на осмиот студиски албум на Lana Del Rey, која со своите претходни изданија се етаблираше како влијателна артиска која редовно се искачува високо на топ листите. Најновиот албум се надоврзува на претходните со својата меланхолична привлечност и специфична естетика. Тематски, тој посветен на приказни за нејзиното семејство и внатрешните динамики за справување со тагата, осаменоста, загубите, очекувањата, иднината. Новите теми во нејзината лирика, овојпат ги надополнува и со нови звучни пристапи, како што е вметнувањето на трап ритами врз нејзините препознатливи, временски неодредени звуци.
За Лана, родена под името Елизабет Вулриџ Грант, е познато дека била под силно животно и артистичко влијание од филозофско-психолошката криза во која се нашла на рана возраст. Преокупираноста со смртта во текот на нејзините тинејџерски години била причина да се втурне во алкохолизам, На само 14 години семејството ја испраќа во интернат за да се рехабилитира. На 18, учи свирење на гитара додека престојува кај роднини на Лонг Ајленд и потоа создава мрежа на пријатели и обожаватели по њујоршките клубови. Понатаму, нејзината легенда е мапирана со огромни успеси, но што е уште поважно, одреден е и нејзиниот начин на исцелување, бидејќи музиката е фантастичен начин за олеснување од тегобите на егзистенцијата.

Сепак, изминативе неколку години таа во повеќе наврати беше во центар на вниманието и со постапки и изјави кои беа толкувани како неумесни и контроверзни. Таквиот ,,беклеш’’ започна откако таа се почувствува повикана да ја брани сопствената репутација, истовремено напаѓајќи свои колешки од сцената, претежно со друга боја на кожата. Обидувајќи да се извлече од обвинувањата за расизам, таа си го навлече епитетот „олицетворение на феминизмот на белата жена“ и беше нашироко напаѓана како некој што изгубил контакт со реалноста губејќи се во сопствената привилегија.
И покрај немилите епизоди во комуникацијата на социјалните мрежи, останува фактот дека Лана Дел Реј по осми пат истура парчиња од својата душа пред нас, третирајти ги вечните теми на личен начин, а ние добиваме врвна музика за возење низ животот, знаејќи или незнаејќи дека сите сме тука некаде.