Организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) присуствуваше на еднодневен интердисциплинарен симпозиум во Хаг по повод објавувањето на публикацијата „Острови на сродството: колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“. Симпозиумот беше заокружен со промовирањето на публикацијата и панел дискусија чиј фокус беше пристапноста на уметничките институции и особено улогата на јазикот и комуникацијата.

Програмата обедини различни изведувачи со различни специјализации (визуелна уметност, пристапност и медијација, CRIP теорија) и се состоеше од читања, работилници, разговори со уметници и перформативни и партиципативни ситуации.

ФРУ е дел од проектот „Острови на сродството“ кој меѓусебно поврзува шест визуелни уметнички институции низ различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига) во иновативен модел на соработка кој се однесува на прашањата на инклузија, сродство и заедништво, демократска размена и етиката, емоциите и практичните решенија за одржливо и правично институционално работење. Публикацијата е резултат на двегодишниот проект.