Отворен конкурсот на Амбасадата на Шведска: Биди амбасадорка на еден ден

По повод Меѓународниот ден на девојките, шведската дипломатска мисија во Скопје бара млади лидерки посветени на родовата еднаквост.
Фото: Melker Dahlstrand/imagebank.sweden.se

Амбасадата на Шведска во Скопје по шести пат го објави повикот за иницијативата „Амбасадорка на еден ден“, наменет за девојки на возраст од 15 до 29 години. Избраната кандидатка ќе помине цел работен ден со амбасадорот, ќе учествува на состаноци и ќе соработува со персоналот. Повикот е дел од глобалната акција #GirlsTakeOver, а пријавувањето трае до 10 ноември 2026 година.

Кандидатката што ќе биде избрана ќе ги преземе амбасадорските должности на почетокот на 2027 година, околу Меѓународниот ден на жената – 8 март, на точно утврден датум со дипломатското претставништво.

Работните обврски траат од 08:30 до 16:00 часот. Програмата опфаќа следење на амбасадорот на состаноци, непосредна соработка со тимот на амбасадата и вклучување во дневните дипломатски активности. Денот завршува со поднесување краток извештај за сработеното.

Заинтересираните кандидатки треба да достават мотивациско писмо до 250 зборови со образложение за својот интерес за позицијата. Потребна е и кратка биографија со фокус на досегашните активности за родова еднаквост и спречување на насилството врз жените во локалната заедница.

Апликацијата бара и две препораки од наставници или соработници во обем од еден до два пасуси. За кандидатките на возраст од 15 до 18 години задолжителна е писмена согласност од родителите или законските старатели.

Документите се испраќаат на е-поштата ambassaden.skopje@gov.se со назнака: Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver за „Амбасадорка на еден ден“. Кандидатките од потесниот круг ќе поминат онлајн интервју, а амбасадата ќе го објави конечниот избор до 15 декември 2026 година.

Конкурсот се организира по повод 11 октомври, Меѓународниот ден на девојките. Тој е дел од светската кампања #GirlsTakeOver, преку која млади жени преземаат раководни функции за да се потенцира потребата од еднакви можности. Шведското Министерство за надворешни работи ја спроведува оваа практика преку дипломатските претставништва ширум светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс