Унгарската полиција уапси 24-годишен маж кој во неделата во зори украде мал авион од приватен аеродром во градот Калоча, прелета преку забранетата зона околу нуклеарната централа Пакс и принудно слета во нива со сончогледи. Младиот човек, кој тврди дека поради тешка пијаност не се сеќава на инцидентот, предизвика итно кревање на два воени ловци пред конечно да биде приведен.
Инцидентот започнал во раните утрински часови на приватниот аеродром во Калоча. Момчето влегло на пистата и се обидел да запали неколку различни летала пред да влезе во авион „Цесна 172“.
🇭🇺 Mađar se napio, ukrao avion, pa poleteo ka nuklearnoj elektrani
— Sputnik Србијa (@rs_sputnik) August 29, 2026
✈️ Dvadesetčetvorogodišnji muškarac iz Sombora, malog sela u županiji Komarom-Estergom, severozapadno od Budimpešte, ukrao je jutros laki avion „cesna“ 172 sa aerodroma „Kaloča“ na jugu Mađarske i poleteo ka… pic.twitter.com/dziuROai0s
Леталото било прицврстено за земјата со заштитни јажиња. Наместо да ги одврзе, тој дал полн гас, ги искинал јажињата од земјата и полетал директно од сервисната патека покрај другите паркирани авиони.
По полетувањето, авионот се упатил кон градот Пакс и навлегол директно во забранетиот воздушен простор над единствената унгарска нуклеарна централа. Воените радари веднаш го регистрирале неидентификуваното летало.
Командата на унгарското воздухопловство подигнала два борбени авиони од типот „Грипен“ од воената база во Кечкемет со задача да го пресретнат леталото.
Летот завршил по неколку минути. Момчето принудно слетало во нива со сончогледи кај селото Герјен, на околу 15 километри оддалеченост од нуклеарката.
Откако излегол од оштетениот авион, пешки се упатил кон блискиот пат. Локален возач забележал дезориентиран човек и застанал да му помогне. Тој веднаш влегол во возилото и се обидел да му го украде автомобилот за да продолжи да бега, но возачот успеал физички да го спречи до доаѓањето на полициската патрола.
Полицијата го префрлила 24-годишникот во болница на токсиколошки прегледи, по што завршил во притвор. Унгарскиот телевизиски канал РТЛ објави дека осомничениот пред инспекторите тврдел оти бил толку пијан што воопшто нема сеќавање за кражбата на авионот ниту за летот.
Обвинителството побара мерка притвор под сомнение за неовластено одземање превозно средство и загрозување на воздушниот сообраќај, а истражителите проверуваат дали освен алкохол користел и други опојни супстанци.