Љубителите на филмската уметност и оваа година од 14 до 17 август ќе уживаат во седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“ Струга. И годинава фестивалот ќе има натпреварувачки карактер, а зад селекцијата се потпишува режисерот Иван Бакрич. Натпреварувачките категории се поделени на регионална, меѓународна, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“. Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special” со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево.
„Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот кое овозможува многу различни умови, својот колективен труд наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што остануваат врежани во колективната меморија. Денес, кога околу нас видливо недостасуваат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина. Со нашето седмо издание, под мотото „Неопходна убавина“ ќе посакаме нашиот фестивал да биде само еден од многуте културни блесоци кои денес ни недостасуваат“, велат организаторите.

Инаку оваа година, во соработка со Еко-Свест во рамки на фестивалот ќе биде претставена и ревијалната програма на филмови чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина. Покрај богатата програма неизбежен сегмент од целиот фестивал повторно ќе биде едукативниот дел, пропратен со ексклузивен мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари.
Исто така во рамки на фестивалот ќе бидат одржани две дискусии. Првата ќе биде на тема „Соочување со минатото“ во соработка со нашите партнери Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со Еко-Свест ќе биде на тема заштита на животната средина и пред сѐ Охридското Езеро, а учество ќе земат екологисти и претставници на институциите.