Бундестагот на Германија ги признава македонските култура, идентитет и јазик, и ги смета различните јазици за интегрален дел од културното наследство на ЕУ. Разноликоста на ЕУ ќе се збогати со македонскиот јазик и култура. Ова недвосмислено е наведено во резолуцијата за Северна Македонија. Со ова, силната европска држава го потврдува патот на Македонија кон Европската Унија.
Овој документ дава поддршка на европската иднина на Северна Македонија и претставува директно признание на македонската култура, идентитет и јазик. Резолуцијата е на неколку парламентарни групи, како што се владејачки коалициски партнери, Социјалдемократите, Зелените и Либералите.
„Северна Македонија е мултиетнички модел. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи”, пишува во резолуцијата, пренесува Дојче веле на македонски јазик.

Во резолуцијата уште пишува дека 2023 е клучна година за европската иднина на Северна Македонија и дека пристапувањето е во обостран интерес.
„Во оваа тешка ситуација, и владата и опозициските партии во Северна Македонија сносат голема одговорност за одржување на социјалниот мир и продолжување на демократскиот реформски курс. Тие се клучни за патот кон ЕУ кој е и во интерес на Германија“, се наведува во резолуцијата.
Германскиот Бундестаг ја повикува владата во Берлин да преземе активности за да и помогне на Северна Македонија. Документот е насловен „Активна поддршка за Македонија на патот кон ЕУ“ со што Германија на дело го покажува пријателството кон Македонија.

Најдиректно се наведува дека Северна Македонија и Германија развиле силни и разновидни врски во текот на последните три децении во области како бизнис, култура, наука и граѓанско општество, а со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор со Грција во 2018 година се демонстрираше ангажирањето на Северна Македонија кон регионална соработка и интеграција. Приклучувањето на НАТО во 2020 година дополнително ги потврди евроатлантските стремежи на Северна Македонија.
Резолуцијата содржи и препораки за германската влада, меѓу кои е и препораката да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.