Австрискиот град Салцбург го изгуби ексклузивното право за производство на познатите слатки Моцарт топчиња, откако фабриката што ги произведуваше банкротираше.
Фабриката која годишно произведуваше 57 милиони топчиња беше затворена кон крајот на годината, делумно поради порастот на цените на какаото, пренесе британскиот „Гардијан“.
Лиценцата за производство на Моцарт топчињата веќе неколку години е во сопственост на американскиот конгломерат „Монделез“, кој сега бара нова локација за производство на овој популарен десерт.
Иако одлуката сè уште не е донесена, локалните медиуми наведуваат дека најверојатно производството ќе биде преместено во Чешка, каде што трошоците за производство се пониски.
Фабриката „Мирабел-Верке“ во Гредиг, близу Салцбург, каде што повеќе од еден век се произведуваа оригиналните „Ехте Салцбургер Моцарткугел“, беше затворена.
Последното топче, со тежина од 17,1 грам, направено од чоколадо со мешавина од марципан, пистации и нугат, беше произведено на 5 декември, означувајќи крај на една ера.