„Иако сме мала земја, можеме да се пофалиме со извонреден уметнички и креативен потенцијал и со исклучителни автори и уметници врз чиишто опус, можеме слободно да кажеме, почива арматурата на современата македонска култура“, истакна претседателот Стево Пендаровски на свечената церемонија што се одржа во Филхармонија на која додели Ордени за заслуги на седум истакнати македонски уметници Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски.
Беговска е одликувана за значајната, плодна и интернационална кариера како една од најпознатите театарски и филмски актерки, која со својата театарска прецизност и моќна интерпретација прерасна во една од водечките актерки, во Македонија и пошироко. Чоревски ова признание го добива за извонредната актерска игра со која има обезбедено почесно место во пантеонот на македонскиот театар воопшто. Лукаревски е одликуван за извонредната четиридецениска актерска кариера во македонскиот театар. „Доајен на македонското актерство, со неверојатна моќ на трансформација и интерпретација на различни ликови, со што го покажа својот непроценлив актерски талент“.
Писателката Николова, е меѓу најзначајните македонски прозаистки чиешто творештво се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост и со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Абази e одликуван со орден за заслуги како еден од најзначајните и најкомплексните актери од средната генерација, но, и исклучителен писател и плоден педагог, како и професор по актерско мајсторство.
Музичарот Вртев беше одликуван за трајното значење во современата македонска култура и уметност. Тој е творец на македонската музичка авангарда и еден од креаторите на новиот, храбар и алтернативен бран на македонската музичка сцена. Орденот за заслуги е доделен и на Унковски за огромното, уникатното и светското значење во современиот театар. Неговото име е впишано длабоко, не само во националната, туку и во светската историја на театарот.
„Трајно ја задолжија македонската култура и со своето творештво станаа дел од нашето културно наследство. Нивната децениска посветеност го промовира македонскато современо творештво, и ја афирмира македонската култура низ светот“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска по повод доделените Ордени за заслуги.