Овој петок, 19 мај, во Дау Пашиниот амам, Националната галерија ќе ја промовира монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторот Анета Светиева.
За делото на Професор доктор Анета Светиева, организаторите на настанот велат: Слоевитоста на животот и комплексноста на творештвото на Анета Светиева, вкрстување на нејзините животни тешко проодливи патишта и ситуации со нејзиното дело, колку и да го отежнуваат нивното ткаење, беа и нејзината единствена вистинска патека кон духовната слобода, а со тоа и го овозможија и замавот за градење на еден специфичен и автентичен свет, со целосна предаденост на барањето на вистината и во животот и во творештвото: бескомпромисност во ставот кон вредносниот систем и перманентно барање на универзалните вредности.

Истрајноста во љубовта кон творештвото и кон земјата како материјал и како традиција, кон обликот што го создава без нагласено да се забележат нејзините немири и страдањата… се одразија во симболиката на изборот на митските суштества.
Основните карактеристики на скулпторскиот опус на Светиева подразбираат груб, “недовршен“, статичен, траен облик, тактилно, меко моделирање, симболична, суптилна употреба на боја, на врежани орнаменти и на бели инкарнати, исклучителен респект кон материјалот и неговите законитости, лесно совладување на просторот до степен на негвото асимилирање, како и употреба на антропоморфни, зооморфни, флорални и предметовидни форми, просопоморфни обележја, андрогени, биполарни суштества. Сите тие заедно, со своите варијабилни содржини, можат да се групираат во циклусите Река (1 и 2), Двојници, Кај убавицата и Sверот (или Ерос и Тантос).

Интуитивно чувствуваше дека од архаичното, од македонското поднебје, од Балканот, од древните култури, може да се извлече една универзална вистина за автентичните идентитети, со длабока верба во тоа дека таа жива вистина за вредностите нема временски ограничувања, туку е една постојана потрага по сопствените рапсодии, по ликовите во нејзината балканска, вонвременска сага, една голема дарба за паметење на животот и на судбината на човекот.
Доколку внимателно ги следиме исечоците од нејзиниот внатрешен свет, можеме да го склопиме мозаикот на движечката сила, на симбиозата на нејзиниот живот и на нејзиното дело.Да се осети лепливата маса, да се доживее скулптурата, значи вистински, целосно да се почувствува духот на Анета Светиева.
Промотор на книгата е проф. Д-р Небојша Вилиќ