Убавината со која плени Старата чаршија во Скопје е една од причините поради којашто е меѓу најпосетуваните локации од страна на туристите и локалните жители. Самата прошетка низ нејзините калдрмени улици е магија преку која овде сè уште може да се почувствува минатото – духот на градот. Mали дуќанчиња, занаетчиски објекти, верски објекти, чајџилници, ресторани, музеи и амами се само дел од обликуваноста на просторот и времето кои го красат ова место.
Чаршијата сѐ уште живее во духот на традицијата, во себе криејќи приказни за едно минато кое и денес оставило белег, во секое нејзино ќоше. Без разлика од која страна ќе влезете во чаршијата, ќе наидете на голем број дуќанчиња полни со сувенири, различни народни носии и разни рачни изработки.