Русија ги отфрла обвинувањата за дроновите во Лајпциг и најавува одговор

Официјална Москва тврди дека нема докази за нејзина вмешаност во саботажата на аеродромот, додека Берлин затвора дипломатски претставништва.
Фото: Council.gov.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Официјална Москва најави реципрочни мерки против Берлин откако германските власти ја обвинија Русија за обид за саботажа со дронови на аеродромот Лајпциг/Хале. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Германија ќе добие соодветен одговор за затворањето на рускиот конзулат во Бон и Рускиот дом во Берлин, отфрлајќи ги обвинувањата како целосно неосновани.

Руското Министерство за надворешни работи ги оцени германските обвинувања како продолжение на политичкиот притисок врз Москва без фактичка основа. Портпаролката Марија Захарова изјави дека германските власти не доставиле никакви сериозни или убедливи докази што би ја поврзале руската држава со инцидентите на аеродромот.

Според Захарова, одлуката на Германија да стави клуч на Рускиот дом во Берлин и конзулатот во Бон нема да остане без дипломатски последици. Таа најави соодветен реципроцитет кон германските дипломатски и културни претставништва во Русија.

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт претходно изјави дека пронајдените експлозивни направи се дел од познат образец на руски хибридни операции низ Европа. Според германските истражители, целта на нападот биле товарните капацитети што ги користи украинската компанија „Антонов ерлајнс“, како и логистичките рути на НАТО сојузниците.

Инспекторите на 4 август пронајдоа дрон со дефектен детонатор во близина на украински карго-авиони на аеродромот во Лајпциг, по што беа лоцирани уште две беспилотни летала. Москва уште од самиот почеток негира каква било поврзаност со овие инциденти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс