Кремљ најави можна средба меѓу Путин, Трамп и Си на самитот АПЕК

Советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков потврди дека се разгледува трилатерален состанок доколку тројцата лидери допатуваат на форумот.
Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека постои можност за трилатерална средба меѓу Путин, Трамп и Си Џинпинг на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Разговорите за ваков формат веќе се воделе на дипломатско ниво, а реализацијата зависи од потврдата за присуство на сите тројца државници.

На прашање од руската државна телевизија дали активно се разгледува средба меѓу претседателите на Русија, САД и Кина, Ушаков потврди дека за таа тема веќе се разговарало.

„Ако сè се одвива според најавите, тројцата ќе можат да се сретнат“, порача советникот на Кремљ од Бишкек, главниот град на Киргистан, каде што рускиот и кинескиот претседател учествуваа на самитот на Шангајската организација за соработка.

Главниот услов за одржување на состанокот останува физичкото присуство на тројцата лидери на претстојниот АПЕК самит.

Од американска страна засега нема официјална реакција. Белата куќа не ги коментираше најавите од Москва за можен трилатерален самит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс