Смртта на големите букви: Зошто генерацијата Z го обожава малиот фонт?

Младите ја напуштија употребата на големи букви во корист на стил на пишување што ги одразува нивните вредности и односот кон традицијата. Дали ова засекогаш ќе го промени нашиот јазик?

Кога Маел Куман (24) ја исклучи функцијата за автоматска капитализација на својот телефон како тинејџерка, не помислуваше дека тоа ќе стане навика за цел живот. „Малиот фонт изгледа како тековен разговор без јасен почеток или крај,“ вели таа. „Го отстранува сериозниот тон што некои текстови можат да го пренесат, дури и ненамерно.“

Рувеида Хиловле (24) исто така се откажа од големите букви. „Пишувам со мали букви затоа што изгледа порелаксирано,“ вели таа. „Кога користам правилна капитализација, изгледа како да се обидувам да нагласам нешто повеќе отколку што е потребно.“

Куман и Хиловле не се единствени. За многумина од генерацијата Z, пишувањето со мали букви не е само стилска преференција, туку културен обележје што ги одразува нивните вредности и ставови кон традицијата. Влијателни уметници како што е Били Ајлиш (23) го засилија овој естетски израз, користејќи мали букви во насловите на своите песни и албуми, како don’t smile at me и my future.

Овој тренд го забележуваат и брендовите. Spotify, на пример, користи мали букви за имињата на своите плејлисти како chill vibes и teen beats за да пренесе неформалност, додека брендот за нега на коса amika прави исто на своите пакувања за да создаде мек и пристапен имиџ.

„Големите букви можат да делуваат строго или грубо,“ вели Кејтлин Џардин, менаџерка за социјални медиуми во маркетинг агенцијата Ellis Digital. Според неа, „мирниот и пријателски тон повеќе резонира со вредностите на генерацијата Z. Оваа генерација порасна онлајн, каде што границите меѓу формалната и неформалната комуникација се заматени. Пишувањето со мали букви е начин за отфрлање на авторитетот и ригидноста поврзани со традиционалната граматика. Тоа создава атмосфера на инклузивност и емотивна поврзаност.“

Карим Салама, основач на дигиталната маркетинг фирма e-innovate, верува дека ова е одраз на потребата на генерацијата Z за самоизразување. „Јазикот постојано се развива, особено со новите технологии. Прво го видовме тоа со појавата на емотиконите, кои ефективно ги изразуваат емоциите на оваа генерација. Употребата на мали букви е едноставна и ослободена од ограничувањата на претходните генерации.“

Иако овој феномен е карактеристичен за денешната младина, не е целосно нов. Во 20. век имаше слично отфрлање на капитализацијата, најпознато во поезијата на Е. Е. Камингс. Подоцна, феминистичката писателка и активистка бел хукс одлучи да го пишува своето име со мали букви како политичка изјава против хиерархиите и формалноста. Како што рече во 2013 година, нејзината цел била фокусот да биде на нејзините идеи, а не на личноста.

За некои млади, пак, пишувањето со мали букви е прашање на естетика. „Постои нешто во начинот на кој буквите се наредени – едноставно изгледа подобро,“ вели Хиловле. Овој минималистички пристап се вклопува во пошироката љубов на генерацијата Z кон едноставноста и несовршеноста.

Дури и оние што не се свесни за неговата визуелна привлечност, често инстинктивно го прифаќаат овој стил. „Мислам дека продолжив да користам мали букви од навика,“ вели Куман. „Но кога ќе се навратам назад, сé започна затоа што сите во нашата училишна група го правеа тоа, и со тек на време стана нормално.“

Сепак, многу млади се враќаат на големите букви во професионални или академски контексти, каде што формалноста сé уште е важна. „Свесно одлучувам да користам големи букви кога комуницирам со колеги,“ вели Нардос Петрос (23). „Станува збор за тоа како се претставувам себеси.“

Интересно е што некои го прифаќаат користењето на големи букви како шеговит симбол на зрелост. На TikTok, на пример, има тренд каде младите возрасни најавуваат дека повторно ја вклучиле автоматската капитализација како знак дека пораснале.

Дали малите букви ќе останат доминантни или идните генерации ќе ја возобноват љубовта кон големите букви, останува да се види. За Куман, сепак, овој избор има посебно значење. „Малите букви се повеќе од стил,“ вели таа. „Тие се начин на комуникација што навистина ме претставува мене.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс