Спиењето подолго за викенд е здраво и го подобрува кривниот притисок

Нова седумгодишна студија на корејски научници открива дека умереното надоместување на сонот во сабота и недела го штити срцето од стрес.

Дополнителниот сон за време на викендот го намалува ризикот од хипертензија и помага во закрепнување на кардиоваскуларниот систем по работната недела. Ова го покажува новото истражување на Универзитетот Кореја од Сеул, презентирано на годишниот конгрес на Европското здружение за кардиологија во Минхен. Научниците утврдија дека надоместеното спиење за викенд има конкретен заштитен ефект кај луѓето што хронично губат сон во работните денови.

Истражувачкиот тим анализирал податоци од 40.000 возрасни лица во текот на седум години, споредувајќи ја должината на сонот меѓу работните денови и викендот.

Резултатите покажаа дека учесниците што спиеле подолго во деновите за одмор имале во просек 6 отсто помала веројатност да развијат хипертензија. Најголемата придобивка ја оствариле лицата што спиеле точно еден час и 27 минути подолго од вообичаеното. Кај нив ризикот од висок крвен притисок бил понизок за цели 9 отсто.

Ефектот бил уште поизразен кај физички неактивните лица. Кај оваа група, подолгото викенд спиење ја намалило појавата на зголемен притисок за 6,9 проценти.

Авторот на студијата, д-р Навон Ли од Универзитетот Кореја, појаснува дека недоволниот сон создава постојан физиолошки притисок. Кога телото не добива доволно часови одмор во текот на ноќта, крвниот притисок не го бележи природниот пад, што ги принудува срцето и крвните садови да работат под зголемен напор.

Според д-р Ли, луѓето не треба да чувствуваат вина ако станат подоцна во сабота или недела. Организмот на тој начин се обидува да ја компензира акумулираната исцрпеност. Придобивката од надоместувањето на сонот ја надминува потенцијалната штета од нарушувањето на распоредот на спиење, под услов тоа да остане во умерени граници.

Научниците предупредуваат дека границата меѓу користа и штетата е прецизна. Додека час до два дополнителен одмор му помагаат на срцето, спиењето подолго од четири часа за викенд го зголемува ризикот од хипертензија.

Прекумерното викенд спиење доведува до сериозно поместување на циркадијалниот ритам и внатрешниот биолошки часовник, што го поништува позитивното влијание врз кардиоваскуларниот систем. Заклучокот на кардиолозите е јасен: редовниот дневен распоред останува златен стандард, но умереното продолжување на сонот од 90 минути за викенд претставува корисна терапија за уморниот организам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс