Добриот ноќен провод не се сведува само на познатите клубови и популарните диџеи. Важни се атмосферата, разновидноста на понудата, цените, чувството на сигурност, но и тоа колку е лесно да се најде место каде што ќе се чувствувате добредојдени.
Токму сите овие критериуми ги зеде предвид магазинот Time Out при составувањето на новата листа на најдобри градови за ноќен живот. Во истражувањето, жителите и експертите ги оценуваа сите аспекти на ноќниот живот — од коктел-барови и клубови, до пристапноста на цените и чувството на заедница.
На самиот врв се најде Бангкок. Дури 73 проценти од анкетираните жители ја оценија тајландската престолнина како добро или одлично место за ноќен провод, а ист процент сметаат дека таму лесно се наоѓа друштво и чувство на припадност. Меѓу експертите на Time Out, Бангкок доби речиси совршени 95 проценти позитивни оценки.
Причината е богатата понуда: од барови на покривите на облакодерите со панорамски поглед, мали локални коктел-барови и улична храна достапна до доцните часови, па сè до исклучително живата LGBTQ+ сцена. Во ист излегувачки метеж е можно да се започне вечерта на луксузна тераса, да се продолжи во мал локален бар и да се заврши со вечера во два часот пополноќ.
Второто место му припадна на Берлин, каде што 78 проценти од жителите сметаат дека градот има одличен ноќен живот, издвојувајќи ги опуштените барови и пабови како најголем адут. Трет е Њујорк, кој занесува со својата енергија и разновидност, но заостанува на полето на цените — само 40 проценти од њујорчаните сметаат дека излегувањата се финансиски пристапни.
Мелбурн се најде на четвртото место, а петти е Сао Паоло, кој се истакна со комбинацијата од квалитетна понуда и прифатливи цени.
Целосната топ-10 листа на најдобри градови за ноќен провод ја сочинуваат: Бангкок, Берлин, Њујорк, Мелбурн, Сао Паоло, Меделин, Јоханесбург, Брајтон, Пекинг и Амстердам.