Трето издание на фестивалот „Вртешка Интердисциплинарни Активности“ (ВИА)

Здружението Купола оваа година во копродукција со Дом на млади од Штип од 27ми до 31ви Август го организира третото издание на проектот “Вртешка Интердисциплинарни Активности (ВИА)” – Open source меѓу прекрасните пејзажи околу планинарски дом “Вртешка” стациониран на 1090 метри надморска височина на планината Плачковица, а сепак само 30км оддалечен од Штип по асфалтиран и лесно пристапен пат. (instagram.com/ia.vrteshka/)

ВИА е уметничка резиденција и фестивал  која оваа година обединува повеќе од 40 млади уметници, креативци и младински иницијативи од различни професионални сфери, нудејќи им платформа за заедничко создавање и откривање. Со 10 креативни зони распоредени низ прекрасната природа на планината Плачковица, фестивалот нуди богата програма со повеќе од 90 часа уметнички и outdoor активности.

Учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во изложби поставени низ планината и селото, да присуствуваат на концерти, театарски претстави и перформанси, филмски проекции, да учествуваат во работилници, лаборатории, ателјеа, разговори, јога сесии, хајкинг, искачување на карпа, посета на пештера итн.

На овогодинешното издание на фестивалот ќе учествуваат истакнати млади уметници од Македонија и регионот, меѓу кои независната театарска група „Штрих“, група актери од Софија и независниот театар Златен Елец. Во делот на ликовните уметности, ќе се претстават Стефан Младеновски, Анастасија Саздовска, Ана Тодоровска, и други. Музички настапи ќе имаат Мојра, Ади Имери, Александар Бошков и Калата. Дополнително, неформалното здружение „Зборци“, кое има за цел создавање и промовирање на нови зборови во македонскиот јазик, ќе го збогати фестивалот со работилница на која ќе ги истражуваме сите можности кои зборот ни ги нуди. Во програмата ќе се вклучи и Ана Тодоровска, лиценциран психолог и практичар на експресивна арт терапија со која ќе зборуваме за предизвиците со кои авторите се соочуваат во креативниот процес и многу други активности.

Посетителите на ВИА 2024 можат да изберат помеѓу два вида карти, зависно од нивните желби и можности. За оние кои сакаат да го доживеат фестивалот само за еден ден, достапна е еднодневна карта која вклучува превоз од Штип до планинарскиот дом, следење на програмата, вечера и превоз назад истата вечер.

За оние кои сакаат целосно да ја искусат магијата на уметничката резиденција, нудиме карти со кои добивате сместување од една или повеќе ноќевања во планинарскиот дом или камп простор, храна и можност за учество во утринските активности. Оваа опција е идеална за оние кои сакаат подолго да уживаат во креативната атмосфера и природата.

Картите можат да се купат онлајн со пополнување на формуларот во инфо (instagram.com/ia.vrteshka/) или во независниот културен центар Лабораториум, Скопје.

Проектот е поддржан е од Министерство за култура и туризам, Скопско смут, Виталија, Кожувчанка, Нико Петрол, Кит – го и други пријатели на настанот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс