Турските серии станаа милијардерски бизнис: ги гледаат една милијарда луѓе во 170 земји

Од само 10 милиони долари извоз во раните 2000-ти до повеќе од една милијарда долари денес – турските серии се претворија во моќен културен и економски извозен производ.

Турција денес е меѓу трите најголеми извозници на телевизиски серии во светот, а нејзините продукции ги следат околу една милијарда луѓе во 170 земји. Податоците беа истакнати на настанот „Глобалната приказна за турскиот бренд, турски ТВ серии“, одржан во Истанбул, на кој владините и филмските претставници зборуваа за растечкото влијание на турската телевизиска продукција во светот.

Шефот на Дирекцијата за комуникации, Бурханетин Дуран, изјави дека извозот на турските серии на странските пазари во раните 2000-ти години изнесувал околу 10 милиони долари, додека денес надминува една милијарда долари.

Според него, меѓународниот успех на турските серии не треба да се гледа како проект за културна хегемонија, туку како доказ дека Турција успева да создава сопствени приказни и да ги претставува пред различни општества.

Сериите ја промовираат и Турција како туристичка дестинација

Министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој оцени дека турските серии имаат влијание што е многу поголемо од нивната директна економска вредност. Популарноста на продукциите, според него, го зголемува интересот за Турција, турскиот јазик и културата, но и за гастрономијата и туристичките дестинации во земјата.

Токму затоа телевизиската индустрија сè повеќе се третира како стратешка предност и како инструмент преку кој Турција го гради својот имиџ во странство. Од релативно мал извозен сектор во почетокот на 2000-тите, турската телевизиска индустрија за нешто повеќе од две децении се претвори во глобален културен и економски феномен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс