Шефицата на АфД, Алис Вајдел, предизвика реакции за време на изборната вечер на германскиот јавен сервис ЗДФ, откако ја обвини партијата Левица дека е политичка сила која сака да ги „стрела богатите“. Водителката Шакунтала Банерџи веднаш најави проверка на нејзината изјава.
Вајдел се повика на случување од 2020 година, кога на стратешка конференција на Левицата во Касел една учесничка во дискусијата за енергетската политика рекла дека енергетската транзиција ќе биде потребна и по револуцијата, додавајќи дека „дури и кога ќе стреламе еден процент од богатите, и понатаму ќе треба да се грееме“.
Тогашниот копретседател на Левицата, Бернд Риксингер, одговорил дека „нема да ги стреламе“, туку ќе ги испратат „да работат нешто корисно“. Неговата реакција исто така била критикувана.
Жената која ја дала спорната изјава подоцна се извинила и за германската новинска агенција ДПА рекла дека нејзините зборови биле спротивни на нејзините политички ставови и дека се „гнаси од насилство врз луѓето“.
И Риксингер подоцна признал дека требало веднаш и недвосмислено да ја осуди изјавата.
Изборниот резултат го зголеми притисокот врз Мерц
Изјавите на Вајдел дојдоа во изборната вечер по гласањето во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија.
Според првите проекции, Левицата освои најмногу гласови во Берлин, со околу 25,8 отсто, додека АфД беше на околу 13,8 отсто. Во Мекленбург-Западна Померанија АфД беше на првото место со 37,9 отсто, пред СПД со 35,9 отсто.
Вајдел оцени дека АфД добила „многу силен мандат“ и најави разговори за можностите за соработка со други политички сили. Таа рече дека за АфД се важни програмските допирни точки и дека „сè уште е целосно отворено“.
Во однос на можната соработка со БСВ, Вајдел истакна дека би можеле да разговараат доколку постојат заеднички позиции, вклучително и за евентуална малцинска влада.
Вајдел бара последици од Фридрих Мерц
Шефицата на АфД го нападна и германскиот канцелар Фридрих Мерц по слабите резултати на неговата ЦДУ на регионалните избори.
„Фридрих Мерц е погрешниот канцелар за ЦДУ и ја повлекува ЦДУ со себе“, изјави Вајдел, оценувајќи дека партијата треба да се запраша дали сака да продолжи со актуелниот канцелар и со политиката што таа ја опиша како „лева“.
Во одделна изјава за ЗДФ, Вајдел директно побара Мерц да извлече политички последици од резултатите, за доброто на неговата партија и на Германија. Само во Мекленбург-Западна Померанија ЦДУ освои околу 5,2 отсто според првата вечерна проекција, додека во Берлин партијата беше на околу 20 отсто.
Мерц, пак, резултатот во Мекленбург-Западна Померанија го нарече „катастрофа“, но истакна дека ќе продолжи со планираните реформи.