Вековната заблуда за женската болка и историјата на ендометриозата

Интензивна карлична болка, силни менструални грчеви и неплодност се симптоми на ендометриоза кои се опишани уште во медицинските текстови од древниот Египет и античка Грција. Сепак, оваа хронична болест, која денес засега околу 10% од жените во репродуктивна возраст, со векови остана невидлива за медицината. Главната причина за тоа лежи во долготрајните општествени и медицински предрасуди, поради кои женската болка постојано се занемаруваше или се припишуваше на „хистерија“.

Интензивни карлични болки, исклучително болни менструации, константна исцрпеност, болки за време на сексуален однос и проблеми со дигестивниот систем се дел од секојдневието за милиони жени ширум светот. За жал, овие симптоми и понатаму премногу често се третираат како нешто „сосема нормално“. Зад оваа долготрајна борба често се крие ендометриозата – честа, но со децении занемарувана болест.

Се проценува дека ендометриозата засега околу 10% од жените во репродуктивна возраст во глобални рамки, односно речиси 190 милиони жени. Само во Франција, според извештајот на Институтот „Inserm“ од 2024 година, оваа дијагноза ја имаат околу две милиони жени. Она што дополнително загрижува е што просечното доцнење на првите симптоми до конечното поставување дијагноза сè уште изнесува помеѓу седум и десет години.

За да се разбере ова огромно доцнење, неопходно е да се погледне низ историјата на медицинските и општествените сфаќања за женската болка. Спротивно на општото верување, ендометриозата не е модерна болест на новото време. Иако нејзиното дефинирање како посебно медицинско состојба е релативно ново, описите на нејзините симптоми датираат од најстарите пишани медицински извори.

Првите медицински референци за ваквите тегоби се појавуваат во египетските медицински папируси уште околу 1855 година пред новата ера. Подоцна, во античка Грција, текстовите од таканаречениот „Хипократов корпус“ содржат описи на гинеколошки нарушувања кои се одликуваат со жестоки менструални болки, анормални крвавења и потешкотии при зачнувањето.

Во тоа време, овие симптоми се толкувале преку теоријата за „подвижна матка“, според која матката наводно можела да се движи низ телото и да предизвикува физички и психички проблеми. Иако објаснувањето било медицински погрешно, тоа покажало дека женското страдање било забележано уште тогаш, иако се толкувало преку тогашните филозофски и културни сфаќања.

Низ следните векови, ова погрешно читање на симптомите продолжило да опстојува во медицината. Гинеколошката болка главно се доживувала како неизбежна женска судбина и често била толкувана како израз на некаков морален или психолошки дебаланс.

Токму од грчкиот збор за матка (hystera) произлегол и терминот „хистерија“, кој со векови создавал конфузија помеѓу реалните телесни симптоми и општествените сфаќања за женската природа. Ваквиот пристап со децении влијаел врз начинот на кој лекарите ги пристапувале и ги истражувале поплаките на жените.

Клучниот пресврт се случил дури во втората половина на 19 век. Во 1860-тите години, патологот Карл фон Рокитански преку анатомски прегледи за првпат опишал лезии со ткиво што наликува на внатрешноста на матката, но сместено надвор од маткината празнина, што го означило првиот морфолошки опис на болеста.

На почетокот на 20 век, американскиот гинеколог Џон А. Сампсон направил уште еден значаен чекор напред. Помеѓу 1921 и 1927 година, тој го вовел терминот „ендометриоза“ и ја поставил хипотезата за ретроградна менструација, односно враќање на ендометријалните клетки кон стомачната празнина, што и денес е рамка за разбирање на болеста.

Иако овие откритија ја поставиле основата на модерната гинекологија, подобрувањето во грижата за пациентките не се случило веднаш. Во поголемиот дел од 20 век, на ендометриозата сè уште се гледало како на полесна состојба, додека менструалните болки и понатаму масовно се тривијализирале.

Дури во последниве неколку децении, ендометриозата конечно почна постепено да се препознава како хронично воспалително заболување. Оваа еволуција во знаењето овозможи подобро разбирање на целиот спектар симптоми, вклучувајќи ги силните болки, хроничниот замор, дигестивните пречки и неплодноста.

Покрај сите медицински напредоци, патот до дијагнозата сè уште е исполнет со пречки и лутање. Многубројни студии покажуваат дека на пациентките со години им било повторувано дека нивната болка е „нормална“ или дека е само последица на стрес и анксиозност. Во последните две децении, третманот на оваа болест претрпе забележителен напредок благодарение на модерната медицинска технологија како магнетната резонанца и специјализираниот ултразвук. Паралелно со технологијата, се развиваат и подобри стратегии за терапија со фокус врз квалитетот на животот на пациентките.

Во одделни европски земји, како Франција, во 2022 година беа донесени и национални стратегии за борба против ендометриозата. Ваквите институционални чекори имаат за цел да овозможат рана дијагностика, подобра обука за здравствените работници и поддршка за нови научни истражувања.

Денешните истражувачки проекти сè повеќе се фокусираат врз спречување на хроничната болка уште од адолесцентската возраст. Целта е преку рана интервенција кај девојчињата со исклучително болни менструации да се намали ризикот од подоцнежен развој на ендометриоза и нејзините компликации.

Историјата на ендометриозата јасно ги осветлува долгите предизвици со кои се соочуваат здравствените системи во препознавањето на женската болка. Справувањето со оваа долго игнорирана болест останува едно од клучните прашања за јавното здравје и во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс