Летото не се предава: Следната седмица уште 36 степени, а потоа голем пресврт во времето

Првите денови од седмицата ќе бидат сончеви и многу топли, со температури околу 34–36 степени, но од петок се очекува пад на температурите, облачност и услови за дожд и грмежи


Иако календарски влегуваме подлабоко во септември, летното време сè уште не се предава. Следната седмица во Скопје почетокот ќе биде во знакот на сонцето и високите температури, со максимални вредности до околу 36 степени, но кон крајот на седмицата се очекува нагла промена на временската слика. Според актуелните прогнози, од петок температурите ќе се спуштат кон околу 29 степени, а ќе има услови и за локални врнежи и грмежи.

Уште неколку денови вистинско лето

Понеделник и вторник ќе бидат претежно сончеви и многу топли, со дневни температури во Скопје околу 34–36 степени. И среда и четврток ќе останат топли, со температури над 30 степени. Утрата, сепак, постепено ќе стануваат посвежи, па температурната разлика меѓу раните утрински и попладневните часови ќе биде сè поизразена.

Петок носи пресврт

Најголемата промена во времето според актуелните прогнози се очекува од петок. Температурата ќе падне за неколку степени, а прогнозите укажуваат на услови за нестабилност, грмежи и локален дожд. Во сабота се очекува дополнително освежување, со дневна температура околу 27 степени и можност за врнежи.

И податоците од повеќе прогностички модели упатуваат на сличен тренд – топол и стабилен почеток на седмицата, по што следува постепено заладување и зголемување на веројатноста за врнежи кон петок и викендот.

Септември во два различни ритми

Така, следната седмица ќе изгледа како да има две лица: првата половина ќе потсетува на лето, со многу сонце и температури над 30 степени, додека втората ќе донесе посвежи утра, пад на дневните температури и поизразена нестабилност.

Прогнозата за период подолг од неколку дена може да претрпи промени, особено во однос на точната локација и интензитетот на врнежите, па најсигурната слика за дождот ќе биде достапна со приближувањето на викендот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс