Македонија викендов ја очекува викенд невреме со пороен дожд, грмежи и град, откако денеска во Гевгелија живата на термометарот достигна речиси 40 степени. Нестабилноста ќе започне во сабота попладне и ќе зафати повеќе региони во земјата, вклучително и скопската котлина, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи.
Податоците од мерните станици на 28 август покажуваат екстремно високи дневни температури низ јужните и централните делови од државата. По Гевгелија, најтопло беше во Демир Капија со 39,3 степени, во Велес со измерени 39 степени и во Скопје-Петровец со 38,8 степени. Во Кавадарци беа измерени 38,5, додека во Струмица и Тетово температурата надмина 37 степени. Најсвежо остана на Попова Шапка со максимални 24,2 степени.
Времето во сабота претпладне ќе се задржи сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови на повеќе места ќе се развие нестабилност проследена со пороен дожд, електрични празнења и засилен ветер. Во одделни делови од земјата овие процеси ќе прераснат во локално невреме со силен ветер и услови за појава на град. Сличен развој се очекува и во Скопје, каде попладне делови од котлината ќе бидат зафатени од интензивни врнежи.
Во недела минималните температури ќе се движат од 12 до 20 степени, додека дневните ќе достигнат од 29 до 36 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, повторно со локални попладневни врнежи и грмежи.
Новата работна седмица носи претежно сончево и значително потопло време. Во понеделник, на 31 август, максималната температура ќе достигне до 37 степени, со слаб до умерен југоисточен ветер. Од вторник, 1 септември, следува дополнителен раст кога максималните вредности ќе се движат во интервал од 32 до 39 степени, со слаб до умерен северен ветер и услови само за ретка попладневна нестабилност.