Руте по нападите кај Бугарија: НАТО ќе ја засили одбраната доколку биде потребно

Алијансата го следи развојот на настаните откако два трговски брода беа погодени во близина на бугарскиот брег, соопшти генералниот секретар.

НАТО е подготвен да ги прилагоди своите мерки за одвраќање и одбрана по ноќните напади врз трговски бродови во Црното Море, порача генералниот секретар Марк Руте по разговорот со бугарскиот премиер Румен Радев. Алијансата веќе го зголеми присуството на источното крило и будно ја следи безбедносната состојба во регионот, додека бугарските власти ги утврдуваат околностите околу инцидентите во кои настрадаа членови на екипажите.

Генералниот секретар на Алијансата преку социјалната мрежа Икс потврди дека разговарал со бугарскиот премиер за нападите врз цивилните пловни објекти.

„Разговарав со бугарскиот премиер Румен Радев за последните напади врз трговски бродови во Црното Море. НАТО ќе продолжи да работи во тесна соработка со своите сојузници во регионот. Веќе го засиливме нашето присуство по источниот фланг и ќе продолжиме да ја набљудуваме безбедносната состојба, при што по потреба ќе ги адаптираме мерките за одвраќање и одбрана“, напиша Руте.

Нападите се случиле ноќеска на две одделни локации во близина на бугарското крајбрежје. На околу 18 наутички милји источно од Бјала бил погоден товарниот брод „Челси 3“, кој плови под знамето на Малта. При нападот се повредени шестмина морнари. Комплетниот 15-член екипаж, составен од седум украински и осум азербејџански државјани, бил брзо евакуиран. Петмина од повредените се згрижени во болницата „Св. Ана“ во Варна, додека еден морнар е префрлен на Военомедицинската академија. Бродот останал на површината.

Вториот инцидент се случил на околу 17 наутички милји источно од Крапец, каде друг погоден брод потонал. Спасувачките екипи успеале да извлечат најмалку четири лица, а проверките за преостанатите членови на екипажот сè уште траат.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ги осуди нападите со дронови и изјави дека одговорните мора да сносат последици. Таа порача дека Црното Море станало уште еден фронт на ескалација и изрази целосна поддршка за Бугарија. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја обвини Русија дека свесно ја загрозува слободата на пловидбата и глобалната безбедност со храна, повикувајќи на засилување на меѓународните санкции.


Бугарскиот премиер Румен Радев најави разговор со руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова. Радев соопшти дека властите засега немаат доволно категорични докази за потеклото на дроновите за да може одговорноста директно да ѝ се припише на одредена држава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс