Вол Стрит не може да се одлучи помеѓу Харис и Трамп

Многу директори на Вол Стрит се уште се неодлучни за поддршка на кој било од кандидатите на претседателските избори во САД, загрижени дека политиките на поранешниот претседател Доналд Трамп ќе и наштетат на економијата, но се претпазливи дека Камала Харис ќе се наклони премногу лево.
Фото: Gage Skidmore

Додека повеќе големци од Вол Стрит, вклучувајќи ги Бил Акман, Џон Полсон и Џорџ Сорос, веќе се одлучија, многу други високи извршни директори сè уште ги разгледуваат економските политики кои ќе бидат клучни за тесната трката, но и последиците за правните и демократските институции.

И покрај досегашното искуство, со политики наклонети кон Вол Стрит, политиките на републиканскиот кандидат Трамп се закануваат да создадат економска и политичка нестабилност, велат многу директори.

Иако Харис би била побезбеден избор, таа е кандидат на демократите само од крајот на јули кога претседателот Џо Бајден излезе од трката и останува голема непозната, велат тие. Многумина се загрижени дека потпретседателката ќе продолжи со регулаторната акција на Бајден врз профитабилните бизниси на Вол стрит.

Меѓу извршните директори има поддржувачи и на републиканците и на демократите, вклучително и неколкумина кои јавно ги поддржуваат Трамп или Харис, и други без очигледна партиска припадност.

„Повеќето очекуваат Трамп да продолжи онаму каде што застана, што секако е попопулистичко, протекционистичко и агресивно дерегулаторно“, рече Брус Мелман, партнер во двопартиската лобистичка фирма Мелман Консалтинг со клиенти во сите сектори.

„Но, тие се желни подобро да разберат која е Харис и во што таа верува“, рече Мелман, додавајќи дека не изгледа дека досегашните економски говори на Харис  дале повеќе увид за фирмите од Вол стрит.

Како и при неговото прво претседателствување, Трамп ветува дека ќе ги намали даноците и регулативите, но повеќето директори рекоа дека придобивките може да бидат избришани со неговите планирани увозни тарифи што би можеле да предизвикаат инфлација, додека даночните намалувања би можеле да го зголемат дефицитот на САД.

Каролин Левит, Национален секретар за медиуми во кампањата на Трамп, во изјава рече дека инвеститорите на Вол Стрит сакаат Трамп да победи бидејќи се сеќаваат дека неговите политики го поттикнаа растот, ја намалија инфлацијата поради што сите имале повеќе пари.

Милијардерот и поддржувач на Трамп, Полсон, изјави за Ројтерс на маргините на септемврискиот настан во Њујорк, на кој Трамп го претстави својот економски план дека царините ќе ги зголемат приходите, помагајќи да се намали дефицитот.

Фото: Gage Skidmore

Планот на Харис, за кој аналитичарите предвидуваат дека ќе биде подобар за економијата, бара зголемување на даноците, кои веројатно ќе ги намалат приходите и акциите на компаниите, но делумно ќе го неутрализираат очекуваното проширување на дефицитот. Таа зборува малку за финансиската политика, но го промовираше нејзиниот цврст став кон банките како поранешен обвинител и рече дека ќе продолжи со нападот врз скриените банкарски такси.

Милијардерот претприемач и поддржувач на Харис, Марк Кубан, истакна дека вредноста на акциите пораснале кога даноците на компаниите биле повисоки, додавајќи: „Сè што е чекор кон намалување на дефицитот е плус“. Но, тој рече дека и двајцата кандидати даваат ветувања што можеби нема да можат да ги исполнат. „Ниту еден кандидат нема детали за тоа како ќе ги спроведат своите политики“.

Според многумина најдобро сценарио е Харис во Белата куќа и Сенатот со републиканско мнозинство за да го блокира зголемувањето на даноците и да ја принудат Харис да избере умерени луѓе за клучните позиции.

Досега донатори поврзани со финансиските компании донирале 8,7 милиони долари за кампањите на Бајден и Харис, наспроти 3 милиони долари за Трамп, според податоците на OpenSecrets од 21 август.

Многу од луѓето од Вол стрит за загрижени за нов мандат на Трамо поради нестабилниот кабинет за време на неговиот прв мандат, кривичните дела против него, како и неговата улога во упадот на 6 јануари. Тие се загрижени дека Трамп ќе ги поткопа демократијата и владеењето на правото, а некои се загрижени и за неговите ставови за независноста на Федералните резерви, имиграцијата и абортусот.

Мајкл Брајт, главен извршен директор на Здружението за структурни финансии, лоби група од Вашингтон што ги застапува заемодавците и инвеститорите, рече дека покрај 6 јануари, некои од неговите членови го критикуваат Трамп и поради неговата улога во помагањето да се укинат федералните права за абортус.

„Би рекол дека гласачите од финансискиот сектор се прилично рамномерно поделени“, рече Брајт, кого Трамп го номинираше во 2018 година да раководи со владината агенција за домување Џини Меј. Многумина ќе гласаат „со срце“ за Харис, додаде тој.

Улогата на популизмот во изборот на кабинетот е друга тема поради која луѓето од Вол Стрит се загрижени. Некои се плашат дека Харис ќе остане со прогресивните раководители на агенциите на Бајден, иако неколкумина рекоа дека веруваат дека таа може да биде попријателска кон индустријата од Бајден.

Попопулистичкиот Трамп и Републиканската партија, пак, може да изберат неискусни лојалисти непријателски настроени кон Вол Стрит за да ги водат агенциите, се плашат одредени директори, иако други веруваат дека тој повторно би ги избрал традиционалните конзервативци од индустријата.

Извор: Ројтерс

е-Трн да боцка во твојот инбокс