22-то издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и МКЦ, со осум концертни настапи и еден документарен филм.
Фестивалот ќе го отвори импресивниот аудио-визуелен перформанс на славната португалска фадо пејачка ѕвезда Misia. Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица Mari Kalkun, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената Зарина Првасевда и нејзиниот состав, создаваат услови за беспрекорно фестивалско доживување. Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на волшебниот тандем Justin Adams & Mauro Durante, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот њујорчанец Крсте Роџевски. За мистериозната аура на култната чешка двојка Irena & Vojtech Havlovi ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”.

OFFest 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата атракција Bab l’ bluz со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот Dizzi Mandjeku & The Odemba ok All stars.
Цената на билетите се движи од 300 денари до 1000 денари, а има и опција да се купи заеднички билет за сите настани во рамки на OF.